Се појави птичјиот грип. И тоа сред неуспешни преговори за формирање на нова Влада. А, токму вечерта откако не успеа „бракот“меѓу двата доскорешни коалициони партнери во власта, се прашував што ли ќе се случи утредента за да се сврти вниманието на јавноста од случувањата. Каква епидемија ќе има? Утрината речиси бев сигурна дека ќе се појави некој нов случај на листерија или пак, бидејќи грипот почна да се намалува, си реков дека министерот Тодоров ќе ја преземе работата во свои раце, ќе смисли нешто, кога стигна соопштение од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Во него со црвени букви, многу невообичаено беше нагласено дека истиот ден, понеделник во 13 и 30 часот директорот ќе одржи прес конференција. Да,со големи букви во најавата, со црвени букви во поканата за настан. Ете, тоа е тоа, си реков. Ќе има нешто. И навистина соопштија дека во струшкото село Мороишта е откриен птичји грип, болест која е многу заразна за живината, но не се пренесува и не е опасна за луѓето.
Добро, но самиот назив „птичји грип“ успеа да го сврти вниманието без разлика што не е тој опасниот од кој умреа илјадници луѓе во Кина и низ светот, пред неколку години. Тоа беше и намерата. И замислете првиот случај кај живината бил откриен на 27 јануари, а Агенцијата за тоа не известува дури на 30 јануари. Ја чувале информацијата и дури по три дена не известија со назнака, „алармантно“ „задолжително“, „итно“, кој како ќе го разбере дека треба да дојдат сите медиуми на прес конференцијата во Агенцијата за храна.
Што се чекало цели три дена? Зошто веднаш во петокот не ја соопштија информацијата? И така приказната ја враќаме на почеток. На неуспешните преговори за формирање на нова Влада и намерата сето тоа да се стави во сенка со птичјиот грип.
Добар дел од луѓето веќе ја научија лекцијата. Имаше многу случаи кога се сакало да се одвлече вниманието на јавноста кон нешто и секогаш тоа се правеше преку Министерството за здравство. Да не го заборавиме и случајот со починатиот Британец кој го третираа како да има ебола, а 23 луѓе во еден хотел беа држени во карантин. Брука пред македонската и светската јавност.
Веќе таквите спинови не успеваат. Долго време ги користат бесрамно, се истрошија. Но не само тие што ги даваат инструкциите, ќе ги запаметиме и вработените во здравството што овозможија ваквите манипулации да направат потреси и паника во јавноста. Истите тие што ќе ја направеа драмата, потоа ни советуваа да не се крева паника, тие ќе останат обележани засекогаш.
Туку, до каде сме со чистењето на снегот? Што прават општините, ќе се разбудат ли од зимскиот сон? Граѓаните се испотепаа од паѓање по неисчистените улици.
Болниците се преполни, лекарите не можат да пристигнат да ги оперираат сите. Пациенти со скршен колк се враќаат дома да чекаат да им дојде ред за операција. Само во Градската болница „8 Септември“ дневно се примаат од три до пет пациенти. Во сите три трауматолошки одделенија во Скопје се оперира со полна пареа. Ситуацијата дополнително се комплицира со затварањето на операционите сали на Клиниката за ортопедија.
Сите улици освен главните се неисчистени, со замрзнати толпи од снег. Не се сеќавам досега ниту една година улиците толку долго време да останале неисчистени. Според Законот за јавна чистота, чистењето на снегот и мразот во зимски услови го прави јавното претпријатие за комунални услуги, основано од општините. И според истиот тој закон општините се должни во рок од шест часа по паѓањето од снегот да ги исчистат улиците. Билансот од неодговорноста се стотици луѓе кои завршиле со скршен колк, рака или нога и тоа само во Скопје. Лекарите велат дека во Битола се прават и по пет операции на ден. Ситуацијата со снегот е иста во цела држава. А, граѓаните паѓаат, се оперираат, страдаат и молчат, наместо да ги тужат општините.
Така е кога никој не се секира за здравјето и безбедноста на граѓаните. Тие се во фокусот, но само кога треба да се тргне вниманието од политиката, кога треба да бидат цел за манипулација. Како со птичјиот грип деновиве, на пример.