Директорката на Клиниката за гинекологија Марија Хари –Лега со воодушевување го презентираше новиот Предлог закон за прекинување на бременоста кој по итна постапка треба да биде донесен во Собранието. Таа застана во одбрана на Предлог законот и смета дека е полиберален од претходниот, а на жената не и одземена можност сама да одлучува за прекинот на бременоста.
Хаџи Лега ги убедуваше новинарите дека погрешно го разбрале законот и дека нема никаква комисија од Министерството да одлучува за прекинот на бременоста над 10-тата недела.
Но, од текстот на законот јасно се гледа дека во член. 7 стои дека Првостепената комисија ја формира министерот за здравство, а во член. 8 дека Второстепената комисија исто така ја формира министерот за здравство но, на ниво на Македонија.
Во член. 6 пак, министерот со посебен акт ги пропишува содржината и начинот на советување на пациентките.
Ова предизвика револт кај гинеколозите кои велат дека не биле консултирани кога се подготвувал законот, ниту биле известени дали имало јавна расправа за него.
Гинеколозите сметаат дека со ваквите измени се бирократизира постапката, со која се успорува целиот процес, за пациентките што побргу да се откажат од абортусот, не се почитува професионалноста на гинеколозите и најсташно од се е што пациентките ќе се пренасочуваат да прават илегални абортуси.
– Илегалните абортуси носат ризик од добивање на сепса, откажување на бубрезите, перфорации на матката. На овој начин ќе се зголеми морбидитетот и инвалидноста кај жените, а во никој случај нема да придонесе за зголемување на наталитетот како што промовираат надлежните велат за НОВА гинеколози кои од разбирливи причини сакаат да останат анонимни.
Во текстот на Предлог законот има уште контраверзии кои предизвикаа бурни реакции кај жените, невладиниот сектор, лекарите, јавноста.
Инаку, на директорката Хаџи Лега не и е познато дали некоја жена досега абортирала двапати во годината, ниту дали завршила со компликации на клиниката по направен абортус во приватна ординација.
Инаку, минатата година на Клиниката биле извршени 270 абортуси, а во првите пет месеци од годината од 120 до 130 абортуси.