Мајкл Флин издржа само четири дена: советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп поднесе оставка, помалку од 96 часа откако медиумите открија дека имал „недозволени“ контакти со Русија во време кога Барак Обама бил на функција.
Во писмото со оставка, Мајкл Флин признава дека „несвесно пропуштил да го извести избраниот потпретседател Мајк Пенс и други лица со целосни информации за телефонски разговори со рускиот амбасадор“.
Конкретно, во моментот кога администрацијата на Обама нареди санкции против Русија поради наводна вмешаност во американските избори, Мајкл Флин го уверувал рускиот амбасадор во Вашингтон, Сергеј Кисљак, дека новиот претседател Трамп ќе биде многу поблаг.
Според „Вашингтон Пост“ и „Њујорк Тајмс“ кои во петокот ја објавија оваа информација, такви разговори биле потенцијално незаконски. Вчера американското министерство за правда ја предупредило Белата Куќа дека таа грешка би можела Флин да го направи подложен на обиди на руски уцени.
Белата Куќа веднаш на негово место го именуваше пензионираниот генерал Џозеф Келог за преодно решение на таа стратешка позиција, помалку од еден месец по доаѓањето на Трамп на власт.
Според СИ-ЕН-ЕН, како најизвесен кандидат за нов советник е генералот Дејвид Петреус, поранешен директор на ЦИА, кој од таа позиција мораше да замине бидејќи и давал тајни документи на својата љубовница.