Стотина граѓани се собраа денеска во дворот на Соборниот храм во центарот на градот Скопје за да го изразат својот револт од тоа што политичарите сакале да ја поделат Македонија и да воведат уште еден јазик.
Портпаролот на здружението „Тврдокорни“, кое е организатор на маршот наречен „Завет за Македонија“ пред новинарите изјави дека нивното здружение постои еден месец и со денешниот настан сакаат да покажат дека се незадоволни од она што политичарите го договарале за Македонија.
Портпаролот Драган Угриновски дополни дека не треба ова здружение да се меша со ниту една партија и да не се користи за политички цели. За конкретната причина за денешниот марш, Угриновски заинтересираните ги упати на Фејсбук страницата на здружението, каде што се било убаво објаснето.
Воедно, откако новинарите се обидоа да добијат одговори и од други граѓани, да ги прашаат зошто присуствуваат на маршот, Угриновски не дозволи никој друг освен тој да дава изјава и се закани дека ако новинарите не го почитуваат кодексот кој тој го наметнува, тогаш нема да добиваат воопшто никакви информации.
Пред да го започнат маршот кон Собранието и кон паркот „Жена борец“, членовите на здружението ја кажаа како што велат „Молитвата за Македонија“, а дел од нив апелираа никој да не подлегнува на притисоци и провокации.
Движејќи се по булеварот Партизански Одреди, демонстрантите ја пееја химната.