Раководствата на политичките партии кои се дел од обединетата албанска опозиција на вонредна седница одлучија следнот голем протест да го одржат утре со почеток во 19 часот пред Владата во Тирана.
Тоа ќе биде петти по ред голем протест на опозицијата.
Лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша го оценил протестот како извонреден и ја обвинил полицијата за насилство, најавувајќи продолжување на „политичката битка се до ослободување на Тирана и цела Албанија од Владата поврзана со криминалот“.
Поголема група граѓани денеска се собрани пред седиштето на полицијата во Тирана, со барање да бидат ослободени приведените од синоќешниот протест, кој беше преполн со насилни однесувања на демонстрантите, при што од фрлените молотови коктели и други тврди предмети повредени беа најмалку 15 полицајци.
Во очекување на Баша, со насобраните граѓани пред зградата на полицијата во Тирана е неговата сопруга Аурела Баша.
Синоќешниот протест беше најнасилен досега. Беа фрлени молотови коктели врз Владата, Парламентот и полицијата, беа запалени прозорци, влезната и задната врата на Владата, повредени се најмалку 15 полицајци, многу димни бомби беа фрлени кон полицијата, додека против демонстрантите беа уптребени солзавец и водени топови, уништен е општествен имот, а повеќе од 50 лица приведени.




