Александар Гацевски е единствениот македонски супер-финалист кој од 7 – 18 Август 2021 година ќе учествува на 11-тото Суперфинале на Светскиот куп во параглајдерство во Дисентис, Швајцарија.

Минатиот месец, Гацевски со освоеното 17-то место, на Свесткиот куп кој се одржа во Србија, успеа да стане првиот супер-финалист кој од просторите на Балканот оваа година учествува во Суперфиналето.

Ова Суперфинале ќе ги собере победниците на шест од осумте последователни Светски купови, како и сите шампиони на Суперфиналињата  од 2014 година па наваму.

За Александар Гацевски, летањето со параглајдер е страст што го води во животот. Минатата година во јули тој оствари голем сон, со што стана и првиот македонски параглајдерист кој летал преку 200 километри во Македонија.

Гацевски се занимава со параглајдерство во последните 18 години. Тој е член на националниот тим на параглајдерство, а учествувал и на повеќе светски купови.

Инаку, во 2014 година, во Суперфиналето на Светскиот куп во параглајдерство кое се одржа во Турција, учествуваше и Мартин Јованоски, додека во 2010 година исто во Турција учество зема Игор Тодевски.

Ивана Рамаданова