НоваТВ ги покани на интервјуа, кандидатите за градоначалници на скопските општини и Градот Скопје, од сите поголеми партии и независни листи. Оние што досега одговорија позитивно на нашата покана, интервјуата ги емитуваме по редослед на одговарање.

Актуелниот градоначалник на Ѓорче Петров, Александар Наумоски и овие локални избори се бори да остане на позицијата „општински татко“. Со сработеното за граѓаните на Ѓорче Петров и со плановите за наредниот 4-годишен мандат 5 капитални проекти и уште 200 други, смета дека е фаворит кај ѓорчепетровци да му ја дадат довербата за нов мандат. За себе вели е среќен човек покрај сопругата Васка и трите деца. Обожува македонски староградски и патриотски народни песни. Животно мото „ Не постои проблем за кој нема решение“.

НоваТВ: Градоначалниче Наумоски  во тек е изборната кампања за први луѓе на Единиците на локалната самоуправа. Вие се кандидиравте повторно.Зошто?

Мојата кандидатура е резултат на сработеното во изминатите четири години. Анкетите на граѓаните и анкетите на членството на СДСМ покажаа дека Ѓорче Петров е предводен од тим кој ја движи општината во вистинската насока. Сметам дека имам енегрија, но најважно и идеи и реални проекти со кои Ѓорче Петров станува се поубаво место за живеење. Во новата програма предвидовме 5 капитални проекти и уште 200, сите реални и остварливи. И верувајте, ова не е само флоскула и празно предзиборно ветување, ова е збор зад кој цврсто стојам. Затоа што сум уверен дека зaедно со моите ѓорчепетровци имаме иста цел, да живееме во средина во која сакаме да живеат и нашите деца, нашите внуци и нивните потомци.

НоваТВ: Кандидатурата е ваша лична желба или на партијата во случајот СДСМ ,зашто во периодот пред финалната одлука, прашањето за кандидати за градоначалници беше искомуницирано и со базата, па претпоставуваме дека поддршка имате и од сопартијците?

Мојата кандидатура за градоначалник произлезе од темелни сондажи и анкети кои се спроведоа на целата територија на општината.Односно беше искомуницирана со ѓорчепетровци.

НоваТВ: Со што можете да се пофалите периодов а кое жителите на општина Ѓорче Петров, сметате дека ќе знаат позитивно да ви го вреднуваат, за повторно да ве изберат?

Не треба да се фалам за она што ми е работа и обврска. Едно само треба да се знае, после 12 години  ѓорчепетровци видоа дека нивните пари се трошат за нивните потреби. За жал, општината беше оставена без основните услови за живот на граѓаните, без пат, вода, фекална канализација, осветлување, е ние тргнавме од тоа!  И тоа треба да го сметам за успех!? Изградивме и реконструиравме над 110 улици во должина од 40 километри, поставиме водовод од должина од 5 километри, фекалнa канализациона мрежа во должина од 40 километри, паркинг простор на површина од 7700 метри квадратни. Нова градинка во Волково, доградба на објектот Детелинка со три занимални, доградуваме две училишни згради во Хром и Ново Село, Ѓорче добива затворен пливачки  базен, поставено е ново модерно ЛЕД SMART осветлување , го вративме старото Корзо, изграден е  кружен тек во Волково, основното Јоаким Крчоски после 60 години доби нова спортска сала, правно го решивме проблемот со административно-деловната зграда во Паркот изградивме и реконструиравме детски игралишта, поставуваме гумени подлоги на спортските игралишта, набавивме 410 таблети за учениците, континуирана поддршка за сите спортисти, спортски клубови, уметници, социјални случаи, еднократна парична помош за секое новороденче…Толку е сработено за четири години, а замислете вака да се работело претходните 12 години .Позитивно е тоа што граѓаните видоа дека проблемите можат да се решаваат и дека всушност за тоа служи општината.Изборот е секогаш на граѓаните и тие најдобро знаат што е најдоброто за нашата општина.

НоваТВ: Што е она што прво би го направиле за Ѓорче Петров, доколку повторно ја добиете поддршката и имате ли посебно омилени проекти или покапитални за претстојниот 4 годишен мандат доколку ја добиете поддршката?

Довршување на канализационата мрежа во Волково и нова во Никиштани, како и трајно решавање на проблемот со водата во Кучково. Кога веќе ќе се затворат прашањата кои значат пристап до основните човекови права, тогаш можеме да зборуваме за локален економски развој. Овие проблеми ќе бидат затворени уште во првата година од мојот мандат.Во новата програма предвидовме изградба на комплетно ново училиште со спортска сала  во населбата Александрија, две нови градинки во Ново Село и Дексион, уредување на речното корито на Лепенец, нов резеровар кој ќе го зголеми притисокот на вода во месноста викана Оризарски Рид и се разбира отпочнување на градба на Клиничкиот Центар кој несомнено ќе ја раздвижи локалната економија.Предвидени се уште стотина проекти во сите сфери на општественото живеење кои ќе значат повеќе зеленило, улици без кал, стимулирање на инвестиции, зајакнување на младинското движење, поголема грижа за повозрасните, заштита на социјално-ранливите категории граѓани, дигитализација на услугите на општината, зајакнување на отвореноста, транспарентноста и отчетноста.

НоваТВ : Што е она што најмногу ви пречи во општина Ѓорче Петров. Бидејќи сте градоначалник што по втор пат се кандидира за оваа позиција, има ли нешто што си забележувате на себеси дека сте можеле подобро и побрзо да го направите?

Најмногу ми пречи поделеноста. Да се гледаме на наши и ваши, а всушност целиме кон едно, да живееме во едно поубаво Ѓорче Петров. Секогаш се може подобро и повеќе, но сметам дека оние 20 проценти кои не се реализираа од програмата 2017-2021 пред се, се должат на светската криза настаната од пандемија со Ковид 19. Како градоначалници работевме во мандат со ограничени средства, и непредвидени трошоци пренаменети за здравството, работевме во време на референдум, предвремени парламентарни избори. И сето ова не е правдање, туку трка со времето и средствата, кои на крај добро се изменаџираа.

 НоваТВ: Нашето последно прашање е лично. Како би се опишале себеси. Што е она што ве радува и растажува, кое е вашето хоби, пасија, нешто без што не можете. Кој жанр книги ви се омилени,која музика,кој филм а секако јавноста ја интересира и вашето животно мото?

Најтешко е да кажеш збор, два за себе. Но едно знам, јас сум среќен човек. Покрај себе го имам моето семејство. Неизмерно сум и благодарен на Васка, мојата сопруга и моите три деца Дарија, Мирјана и Јаков кои секојдневно ме хранат со љубов и енергија. Како секој Македонец, утрото го започнувам со добро кафе а уживам во звуците на староградската и патриотска македонска песна. Во животот се водам од мотото дека не постои проблем за кој нема решение. Потребни се само силна желба, труд, истрајност и трпеливост.

М.Т.