„Одлуката на Синодот на Вселенската патријаршија за признавање на нашата црква за канонска е еден од неколкуте поважни настани во најновата државна историја рамен со други слични достигнувања како на пример стекнувањето на независноста. Имено, тоа што е 8 септември 1991та за нашата држава и за нејзините граѓани, сметам дека тоа е 9 мај 2022та за современата наследничка на древната Охридска архиепископија и за нејзините верници, вели во интервју за НОВА, универзитетскиот професор од Правниот Факултет, Александар Спасеновски.
Што мисли професорот Спасеновски за ставот на Руската православна црква и за улогата на Српската православна црква во идниот дијалог со Македонската православна црква Охридска архиепископија, повеќе прочитајте во интервјуто што следува.

Одлуката на Синодот на Вселенската патријаршија за признавање на нашата црква за канонска е еден од неколкуте поважни настани во најновата државна историја рамен со други слични достигнувања како на пример стекнувањето на независноста. Имено, тоа што е 8 септември 1991та за нашата држава и за нејзините граѓани, сметам дека тоа е 9 мај 2022та за современата наследничка на древната Охридска архиепископија и за нејзините верници.

Со одлуката на Вселенската патријаршија која доаѓа 260 години по 1762 година кога беше укината Охридската архиепископија и 55 години после 1967та кога беше донесена одлуката за возобновување на оваа древна архиепископија во лицето на МПЦ, нашата црква и нејзините верници стануваат рамноправен дел од поредокот на едната света, соборна и апостолска црква, како и сите други цркви и верници, а кој е возглавен од страна на првопрестолната Вселенска патријаршија. Оттаму, краткиот заклучок би бил дека одлуката има несомнено историски одек кој е од голема полза за сите православни христијани во Македонија, како и за целата православна екумена.

Вистинското значење и големина на овој настан може да се увиди и доколку се анализира низ една временска дистанца. Имено, пред само неколку години нешто што изгледаше како далечен сон за православните верници денес е реалност. Станува збор за конечен крај на еден непријатен период во македонско-грчките односи во кој доминираше инфлацијата на лоши вести, односно почеток на една нова позитивна ера на соработка помеѓу државите, граѓаните и конечно –  црквите.

НОВА: Што ако СПЦ остане глува како што сугерира РПЦ ?

Одлуката на Вселенската патријаршија за признавање на нашата црква за канонска претставува првиот и најважниот чекор кој почива на барањето на МПЦ, Вселенската патријаршија во спорот на нашата црква со СПЦ да се вклучи врз основа на нејзиното право за носење на конечна одлука при меѓуцрковни спорови. Ова значи дека денес и формално прашањето на статусот на МПЦ се интернационализираше, односно престана да биде ексклузивна надлежност само на СПЦ. Од своја страна, пак, останува да се види каква ќе биде реакцијата на Српската црква, односно дали таа ќе се сообрази со новите околности почитувајќи го поредокот на црквата или пак ќе продолжи со старата пракса, на тој начин доведувајќи ја Вселенската патријаршија во ситуација да преземе други чекори во оваа насока.

НОВА: Кои се политичките фактори кои влијаат врз одлуките на СПЦ?

Историјата, традициите, но и денешните консталации ја потврдуваат тезата за испреплетеноста на односите помеѓу православната црква и државата. Така, некогаш црквата ја обликувала политиката на државата, а друг пат државната политика влијае врз црковните работи.

При определувањето на својот конечен став за прашањето на нашата црква (или за било кое друго поважно прашање) врз СПЦ влијаат, главно три групи на околности: прво, дали во рамките во Синодот на оваа црква превласт ќе остварат застапниците на поконзервативната, понекогаш и националистичка линија или застапниците на отворените, полиберални вредности; второ, какви сугестии ќе дојдат од страна на институциите на државата кон црквата кои, пак, се темелат на националните и политичките интереси на српската држава во конкретниот момент и трето, колкаво ќе биде влијанието на Руската црква врз СПЦ. Последното, затоа што РПЦ и СПЦ после Соборот во Крит во 2016 и особено после признавањето на Православната црква на Украина од страна на Вселенската Патријаршија во 2019 – да се изразиме со политички речник – претставуваат осамена опозиција во однос на востановениот поредок на црквата и во однос на начинот на нејзиното управување од страна на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј.

НОВА: Зошто е толкава нервозата во РПЦ која веќе двапати се огласува за оваа одлука на Цариградската патријашија?

Спротивно на црковните канони, Руската црква долго време се обидува да го доведе во прашање авторитетот и правата на Вселенската Патријаршија. Тоа е резултат на настојувањата на оваа црква за стекнување на поголема доминација во рамките на православната екумена.

Овие настојувања станаа особено видливи во 2016 година кога РПЦ во последен момент одби да учествува на сеправославниот собор на црквите што се одржа во Крит, на тој начин ненајавено саботирајќи го авторитетот на Вселенската Патријаршија. Кулминацијата, пак, беше достигната во 2019 година кога Вселенската Патријаршија, во согласност со своите надлежности одлучи да ѝ додели томос на Православната Црква на Украина, што предизвика, пак, остри реакции од страна на Руската црква.

И денес РПЦ, иако главно безуспешно, во светло на оваа борба за доминација ги гради своите позиции за разни прашања водејќи се пред сé од своите настојувања да го релативизира воспоставениот ред во православната црква управувана од Вселенската патријаршија во сопствена полза.

РПЦ не пропушти да се обиде да го оспори авторитетот на Вселенската патријаршија и во случајот со одлуката од 9 мај 2022 за признавање на нашата црква за канонска, застанувајќи на страната на СПЦ, но и директно сугерирајќи ѝ на СПЦ да не размислува конструктивно, односно да заземе конфронтирачки став во однос на потегот на Вселенскиот патријарх Вартоломеј во врска со интегрирањето на МПЦ-ОА во поредокот на православната црква.

НОВА: Какви се вашите прогнози во кој правец ќе се развива ситуацијата со прашањето на автокефалноста на МПЦ ?

Во 2022 година Република Македонија и нејзината црква влегоа со еден реален оптимизам за почеток на процесот за решавање на црковното прашање, на што упатуваат три околности: прво, востановениот консензус во Синодот на МПЦ-ОА;второ, поддршката на МПЦ од страна на институциите на државата;трето, фактот дека денес решавањето на македонското црковно прашање е целосно комплементарно со евроатлантската ориентација на Македонија, како и со декларираните интереси на САД во оваа насока.

Прашањето на автокефалноста на МПЦ-ОА е последното важно прашање чие успешно решавање ја зацврстува стабилноста на нашата држава. Потегот на Вселенската патријаршија со примањето на Охридската архиепископија во канонско единство е огромен придонес во насока на натамошно зајакнување на темелите на државата. Личноста на патријархот Вартоломеј, пак, како и неговото наследство управувајќи ја Црквата овие децении, претставува голем благослов бидејќи оваа генерација православни христијани конечно почнаа да го сведочат чинот на вклучувањето на наследничката на славната Охридската архиепископија во заедницата со останатите православни цркви чија глава е Вселенската патријаршија.

 НОВА: Што се случува во православниот свет во светот на актуелната “братоубиствена” војна меѓу два православни народи? Какви се последиците од овој интраправославен судир?

Вселенскиот патријарх, поглаварот на Католичката Црква, поглаварите на други помесни православни цркви, како и верски водачи од други конфесии, уште во првите денови ја осудија и повикаа на итен прекин на руската воена агресија врз Украина. Со оглед на димензиите, ова не е состојба која е ограничена само на т.н. „православен свет“, туку трагична ситуација која има глобални импликации и која предизвика остри изрази на осуда од сите страни на светот. Во светло на инвазијата на Русија врз Украина, Руската црква ја дели судбината на државата. Имено и РПЦ, како и државата, денес стои осаменаи осудена од најголемиот дел од црквите, верските заедници и државите во светот.

Борјан Јовановски