Република Србија од пред два месеца има нов амбасадор во Република Северна Македонија. Тоа е нејзината екселенција Невена Јовановиќ. Во воопшто првото интервју дадено по стапувањето на должноста, за што и е благодарна НоваТВ, Јовановиќ говори за развојот и нагорниот тренд во македонско-српските билатерални односи, за македонската заедница во Србија  односно за српската заедница во РСМакедонија, за состојбите и перспективата на регионалната соработка низ новата визура на „Open Balkan“ како и за првичните впечатоци од амбасадорувањето кај нас. 

1..Амбасадорке Јовановиќ, веќе два месеца сте во Република Северна Македонија. Иако е ова мал период, сепак ќе ве прашаме за вашите импресии, како ја примивте веста дека баш во непосредното соседство ќе вршите дипломатска должност?

– Да се служи на својата земја и да се носи звањето амбасадор е возвишена и важна задача. Голема е честа, но и одговорноста да се извршува оваа должност во земја со која нè поврзуваат нераскинливи културни и историски врски, втемелени на заедничка традиција, пријателство и солидарност.Република Србија на односите со Северна Македонија им придава најголема можна важност, како на еден од најблиските соседи и се надевам дека во наредниот период ќе сведочиме на понатамошно унапредување на нашите веќе многу добри билатерални односи.

2..Мал период сте тука но динамичен што се однесува до активностите меѓу двете земји. Оттаму и трендот на забрзана нагорна линија на развој на билатералните односи, кои низ годините ја имаат генералната одлика на континуирано традиционално пријателство без отворени прашања.На што се должи последниот тренд на забрзаниот активизам во меѓусебните релации?

– Односите на Република Србија и Република Северна Македонија се карактеризираат со интензивен политички дијалог на највисоко ниво, а нашите билатерални односи не се оптоварени со отворени прашања, и покрај различните позиции во поглед на статусот на Косово и Метохија. Како што изјави нашиот претседател Александар Вучиќ при неодамнешната посета на Скопје, Србија од Северна Македонија и нејзините граѓани не бара ништо освен пријателство и немаме никакви други интереси освен заеднички да опстанеме на овие простори и да го подобриме животот на нашите граѓани.

3..Би рекле круна на таа нова динамика во односите , што секако значи и нов квалитет, е иницијативата„ Open Balkan“. Се случи и регионалниот економски форум во Скопје, на кој се потпишаа два меморандума и еден договор. Што треба да се направи за овие заложби за регионална соработка и за тој нов дух на кооперативност, да не останат „мртво слово“ на хартија?

– Навистина не гледам причина поради која нешто зад кое застанале еден претседател и два премиера би останало само „мртво слово“ на хартија. Иницијативата „Open Balkan” е голема идеја започната во 2019 година и може да се смета за историска, бидејќи нашите три држави – Србија, Северна Македонија и Албанија, во согласност со европските вредности, направија сериозен исчекор во правец на подобрување на животите на своите граѓани и покажаа дека се во можност сами да водат сметка за својата иднина. Конкретно, станува збор за иницијатива чија цел е во регионот да ги воспостави четирите слободи на кои се темели Европската унија, односно нејзиниот внатрешен пазар – слободно движење на стоки, работници, капитал и услуги. План е од први јануари 2023 година да нема граници за граѓаните од трите земји. Пред нас не е лесен пат за спроведување на оваа визија, но како што нагласи претседателот Вучиќ „мораме многу да работиме, да ги убедиме нашите луѓе да бидат вредни, внимателни и сите резултати да се испорачаат на време“.

4..Потпишаните документи опфаќаат широка област на свери на соработка и тоа: олеснување на процедурите за транспортерите, натаму за помош во ситуации на кризни состојби, за соработка меѓу стопанските комори, а веќе конкретна активност презедоа трите пошти од Македонија,Србија и Албанија. Може ли подетално да ни ги образложите овие области и каква помош и олеснување ќе значат за граѓаните на трите земји?

– На Економскиот форум за регионална соработка, одржан на 29-ти јули во Скопје, на кој учествуваа околу четиристотини компании од Северна Македонија, Албанија и Србија, претседателот Вучиќ и премиерите Заев и Рама потпишаа три документа: 1) Меморандум за разбирање и соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоките на Западен Балкан; 2) Меморандум за разбирање и соработка во врска со слободниот пристап на пазарот на труд на Западен Балкан и 3) Договор за соработка во заштита од катастрофи на Западен Балкан. Првиот Меморандум ќе ја зголеми и унапреди економската соработка, ќе ја поедностави во најголема можна мера процедурата во врска со увозот, извозот и движењето на стоките. Меморандумот кој се однесува на слободниот пристап до пазарот на труд на Западен Балкан има за цел да ги поедностави процедурите во поглед на добивање на работните дозволи за државјаните на секоја од трите земји, како и во поглед на користење на тие дозволи на териториите на било која од државите. Да поедноставиме, тоа во перспектива значи да нема чекање за граѓаните и камионите на граница, една заедничка работна дозвола за трите земји, а предвидено е и меѓусебно признавање на квалификациите односно дипломите. Веруваме дека ова може во одредена мера да го ублажи одливот на населението, со кој се соочува не само нашиот регион, туку и цела Европа. Договорот за соработка во заштита од катастрофи на Западен Балкан има за цел нашите држави да си помогаат една на друга во случај на катастрофа, што во моментот можеме да го видиме на дело. Бројни се позитивните аспекти на оваа иницијатива, кои нашите граѓани допрва ќе ги почувствуваат.

5..Амбасадорке Јовановиќ зошто има толкав отпор кај  Косоварите да и се приклучат на иницијативата која пред се значи соработка, градење на нешто ново и конечно нешто што потекнува од тука. И, ако е за утеха овој пат ,,удрија“ по албанскиот премиер  Рама а не по српскиот претседател Вучиќ но сеедно  ваква реакција не е за одобрување  независно кон кого е насочена. Дали очекувате и другите земји да се приклучат кон „ Оpen Balkan“?

– Што се однесува до отвореноста на иницијативата „Отворен Балкан“ важно е да се нагласи дека покана за придружување уште од самиот почеток им е испратена на Црна Гора и на Босна и Херцеговина, како и на претставниците на Привремените институции на самоуправа во Приштина. Зошто тоа до сега не се случи, мислам дека е прашање кое треба да им се постави ним. Ќе потсетам на она што го говореше претседателот Вучиќ за иницијативата„ Отворен Балкан“ а тоа е дека Србија, Северна Македонија и Албанија ќе имаат барем за 1 отсто поголем раст во однос на останатите од Западен Балкан, токму поради учеството во оваа иницијатива, а во тоа верува и Светска Банка. Исто така, регионот кој е опфатен со оваа иницијатива ќе привлече повеќе од 80 отсто од инвестициите од целиот Западен Балкан. Сето тоа заедно ни зборува дека „Отворен Балкан“претставува добробит за сите и придонесува за продлабочување на соработката во регионот во сите области. Ако некој тоа не го разбира, ние тука не можеме ништо.

6..Јовановиќ, македонските граѓани и институции се заблагодарија за вакцинирањето и донацијата од вакцини , а деновиве  по соочување со критична состојба со пожарите повторно побаравме помош а вие возвративте со експресно испраќање на 4 хеликоптери.Тука би ги споменала и ставовите  на премиерката Брнабиќ и на претседателот Вучиќ околу бугарското вето кон Р. Северна Македонија. Ова го споменувам во контекст на прашањето дали сите во регионот ја сваќаме суштината на непосредното соседство и што тоа значи за сите нас?

– Постојат предизвици кои не ги познаваат границите на поединечните држави , а загрозеното јавно здравје во услови на пандемија или шумските пожари со кои се соочуваме овие денови, се некои од нив. Република Србија , благодарение на претседателот Вучиќ успеа да обезбеди доволен број на вакцини додека целиот свет се бореше да ги добие. Бевме во можност да и помогнеме на братска Северна Македонија и тоа го направивме, без двоумење.Покрај тоа , Србија не само што е добар сосед , туку е и братска држава на која Северна Македонија и нејзините граѓани можат да сметаат. Република  Србија е посветена на политиката на мир и стабилност и на решавање на сите отворени прашања со соседите по мирен пат и дијалог. Мирот за нас е најважен и затоа Србија прави се да не одговара на бројните и чести провокативни пораки од регионот , туку да биде загледана во иднината. Сепак, не можеме а да не забележиме дека некои во нашето блиско опкружување ги величаат случувањата кои доведоа до големи страдања на српскиот народ.

7..На кого и на што точно мислите?

– Кога го велам ова мислам на годишнината  на трагичното страдање на српскиот народ во хрватската воена акција ,, Олуја“која се одбележува на 4 август. Овој датум секоја година во Хрватска се прославува како голем празник и додека Србите тагуваат, нашите соседи слават. „ Олуја“ претставува едно од најголемите злосторств ана етничко чистење во светот по Втората светска војна со повеќе  од 220.000 протерани. По граѓанската војна и масовниот егзодус на српскиот народ , бројот на Србите во Хрватска опадна за 2/3. Моментално на листата на загинати и исчезнати Срби во „ Олуја“ се водат 1.852 лица а материјалната штета е несогледлива. Ние сакаме мир и помирување но не пристануваме на понижување и на молчење. Србија никогаш нема да повикува на нови судири бидејќи сака да се развива во соработка со сите во регионот, но должни сме да паметиме. Србија не се фали со својата сила , но е доволно силна никогаш повеќе да не дозволи погром врз својот народ.

8..Колку сте задоволни од правата  што земјава и ги има определено на српската заедница овде. Иако, како велат, права никога ш доста. Потребно ли е нивно унапредување?

– За разлика од некои  претходни периоди во кои не било на вистински начин третирано прашањето за положбата на Србите во регионот и на Србите во дијаспората од страна на матичната држава, денеска сведочиме на еден поинаков пристап. Република Србија силно е заинтересирана за зачувување и за јакнење на односите на матичната држава и на дијаспората и на матичната држава со Србите во регионот. Србите кои живеат во Северна Македонија , како и Македонците кои живеат во Република Србија се дополнителен мост кој секојдневно нè спојува. Двете држави неодамна се согласија дека во што побрз рок ќе формираат Мешовита меѓувладина комисија за малцинства , која ќе служи како дополнителна платформа за решавање на важни прашања во врска со положбата и правата на српската заедница во Северна Македонија и на македонската заедница во Република Србија.

9..Амбасадорке Јовановиќ дали научивте нешто ново за Република Северна Македонија  и за нејзините граѓани, за нејзината кујна, традиција, обичаи и култура откако сте дојдени на амбасадорската  позиција?

– За некој кој доаѓа од Србија , навистина не е потребно многу време во Северна Македонија да почне да се чувствува  „како дома“. Посебно задоволство ми причинува  тоа што секој ден учам по нешто ново за оваа прекрасна земја и за нејзините луѓе , кои уште од првиот ден ми пружија срдечно добредојде и со чија љубезност се среќавам на секој чекор.