Пратеникот Амди Бајрам денеска на прес-конференција изјави дека неговиот син, Елвис Бајрам, актуелен градоначалник на Шуто Оризари, кој беше повреден во инцидентот во населбата пред два дена, го извадил од болница од страв да не го отрујат.
Бајрам истакна дека ова го сторил бидејќи нема доверба во здравствените институции во државата. Рече дека Елвис е во лоша здравствена состојба, но ќе го лечат во домашни услови, а ако има потреба ќе го однесат во приватна болница.
Спротивно на ова, од Болницата „8 Септември“ велат дека Елвис Бајрам е во стабилна состојба и дека треба да остане уште неколку дена во болница, но дека неговото семејство одлучило тој да си оди дома.
За инцидентот, лидерот на Сојузот на Ромите уште еднаш ги обвини премиерот Зоран Заев, СДСМ и кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари, Курто Дудуш како и екс-министерот Неждед Мустафа.
Тој најави дека ќе побара оставка од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, истакнувајќи дека не си ја знаел работата.