Американското воено воздухопловство денеска ги бомбардираше упориштата на ИСИС во градот Сирт на барање на владата на национално единство на Либија.
Повикувајќи се на Пентагон, Ројтерс јавува дека воздушните напади ги побарала владата на национално единство, а ги одобрил претседателот на САД Барак Обама.
„Американските воздушни напади против Исламската држава на тоа подрачје ќе им овозможат на воените сили на Либија да остварат значајна, стратешка предност.“, рече портпаролот на Пентагон Питер Кук.
Либијската меѓународно призната влада уште од мај води борба со ИСИС за градот Сирт. Тој град е цврсто упориште на сунитските џихадисти во Либија. Премиерот Фајез-ал-Сарај рече дека се работи за први американски воздушни напади на Исламската држава во Сирт, кој се наоѓа 450 километри источно од главниот град Триполи.