Американски суд утврди дека еден од најупотребуваните препарати за уништување плевел „Раундап“ на фармацевстката група Баер е „главен фактор” кој предизвикува рак кај луѓето.
„Баер“ категорично ги отфрли тврдењата дека нивниот производ „Roundup“, кој се базира на хемиски глифосат, е канцероген.
Судот во Сан Франциско едногласно пресуди дека препаратот придонел за не-Хоџкинс лимфом на корисникот Едуин Хардман од Калифорнија.
Во следната фаза од судскиот процес ќе бидат разгледани одговорноста и штетите нанесени од компанијата „Баер“. Тужителот ќе се обиде да докаже дека „Баер“ вложувал напори за да влијае врз научници, регулаторни органи и јавноста дека неговите продукти не се опасни.
При отворањето на берзите утрово, вредноста на акциите на „Баер“ се намалија за речиси 12 отсто.
Германската фирма, која го доби продуктот „Раундап“ по спојувањето со американскиот конкурент „Монсанто“, во зделка вредна 66 милијарди долари, соопшти дека е разочарана од првичната одлука на судот.
Светската здравствена организација (СЗО), во 2015 година објави студија во која се вели дека глифосатот е најверојатно канцероген, по што компанијата Монсанто почна со “брутален притисок” врз оваа научна институција, напиша францускиот Le Monde на 1 јуни 2017.
Францускиот медиум објави цела серија текстови во кои се вели дека Монсанто правела притисок и врз повеќе научници, ги заплашувала и манипулирала за да ја дискредитира нивната работа и да го спаси својот главен производ Раунд ап. Текстот на весникот открива и размена на мејлови помеѓу адвокатите на Монсанто и еден од научниците од експертската група на Меѓународниот центар во кои научникот вели дека адвокатите водат «заплашувачка» кампања на «страв и вознемиреност».
Пред една ипол година ЕУ објави дека се подготвува да ја забрани употребата на глифосатот, најчесто употребуваниот хербицид во светот, а и кај нас. Научните истражувања укажуваат дека глифосатот е канцероген и дека повеќе нема свое место во земјоделството и исхраната.
Од Македонското министерство за земјоделство тогаш за НОВА потврдија дека глифосатот се употребува и кај нас. Во реакцијата на Министерството се велеше дека „доколку во ЕУ се донесе одлука за забрана на производот и Македонија ќе се прилагоди на таа одлука. Кај нас во промет се ставаат само препаратите што се дозволени во ЕУ”.




