Димитар Ковачевски, со поддршка од 37.649 гласачи, сопартијци го зема кормилото на СДСМ во свои раце во исклучително турбулентен период и ќе мора да бие битка на четири фронта меѓу кои и во редовите на својата партија во која голем дел од членството мошне рамнодушно се постави при изборот на својот претседател, шести по ред. Не може да се занемари фактот што и покрај убедливата победа на Ковачевски против Фросина Ременски и  Јован Деспотовски во партиските гласачки кутии како порака до новото лидерство беа пуштени и дури 602 неважешки ливчиња, а на изборите излегоа 44.406 членови на една од двете најголеми партии во земјава.

Какви предизвици се исправени пред новиот лидер на СДСМ и како со нив ќе се справи Ковачевски кој е извесно дека ќе го наследи од Заев и премиерското столче, за НоваТВ анализираат политичари кои лично го познаваат новиот лидер, но и аналитичари кои пак поентираат на периодот во кој се наоѓа земјата заглавена на бугарскиот перон во очекување на европскиот воз. 

За бизнисменот Ковачевски и заменик министер за финасии, велат дека е човек кој го почитува договореното и кој може успешно да соработува и со народните избраници, ако новата влада добие параф од парламентот. Горан Мисовски, потпретседател на законодавниот дом нема дилеми дека Ковачевски, ќе може да се справи и со последиците од пандемијата и со енергетската криза затоа што е енергичен човек, а има и знаење.

– Ковачевски почитува договори и стои на збор, професионалец во струката, партиски ветеран иако релативно млад човек во делот на соработката со Собранието кооперативен со пратениците и човек кој што во настапите во Собранието покажува енергичност и сигурност и владее со проблематиката, за која што се дебатира – вели Мисовски.

Аналитичарот Џелал Незири вели дека тешко може да се предвиди функционирањето на СДСМ и на Владата со Ковачевски на чело.

– Неговиот политички профил е малку познат за јавноста, така што не се знае на каков начин ќе менаџира со партијата и со власта. Како и да е, Ковачевски ќе се соочи со четири предизвици. Како прво, ќе треба да ги обедини внатрешните струи во партијата, кои по се изгледа му пресудија на неговиот претходник. Второ, ќе треба да ги менаџира различностите и апетитите на владините партнери кои заради тенкото мнозинство се фактори на опстојувањето на оваа влада. Трето, ќе треба да се справува со економската криза предизвикана од пандемијата и скокот на цената на енергијата во европскиот пазар, и како четврто – решавање на спорот со Бугарија како предуслов за започнување на преговорите со ЕУ – вели Незири.

Зоран Димитровски, заменик министерот за локална самоуправа од прва рака може да даде не само свои впечатоци, туку и очекувања од новиот лидер на социјалдемократите со оглед на тоа што, како што вели, лично го познава новиот претседател, а најверојатно и мандатар.

– Го познавам лично Димитар Ковачевски уште пред да бидеме избрани за заменици министри. Бевме колеги во Институтот за комуникациски студии. Се работи за голем професионалец, успешен менаџер, неуморен борец против корупцијата, неспособноста и неработењето, човек со визија. Како заменик министер за финансии доминира со своето познавање на финансиско-економските состојби и проблеми со кои се соочува Македонија. Доколку биде избран за мандатар, а потоа и премиер, од него очекувам нова енергија за реализирање на програмата на Владата, силна борба против корупцијата, клиентелизмот, непотизмот, кадровско засилување со експерти и вистински луѓе на вистинско место, фокусирање на економијата и зголемување на животниот стандард на граѓаните, динамично усвојување на европските стандарди во Македонија – вели Димитровски.

Тој како генерален секретар на ДС, има очекувања и за поголема кооперативност од Ковачевски во однос на соработката со помалите партии во власта.

– Исто така, очекувам поголема соработка со малите коалициски партнери, почитување и имплементација на нашите идеи и предлози кои во минатото беа маргинализирани, а можат многу да придонесат за менување на состојбите на подобро – вели Димитровски.

Ковачевски, откако беше избран за лидер на владејачката партија им порача на сопартијците дека ќе мора, како што рече, да ги засукаат ракавите и да се фатат за работа. Тој го повика членството на обединување и како, што рече, за сѐ што ќе се случува во партијата и во државата, потребен е силен и обединет СДСМ.

Стојанка Митреска