Министерот за надворешни работи на Романија, Богдан Ауреску, порача дека новата методологија за пристапните преговори со Европската Унија не смее да биде оправдување за ново одложување на преговорите со Северна Македонија и со Албанија.
„Ја поддржуваме одлуката за отворање на преговори со Северна Македонија и Албанија што е можно побргу. Ќе ја слушнеме презентацијата на Европската Комисија за ревидираната методологија, ќе разговараме за тоа, можеме да ја направиме оваа методологија поефикасна, но единствен услов е таа да не ги блокира или одложи тековните процеси, посебно со Албанија и Северна Македонија“, изјави Ауреску.
Министрите за надворешни и европски работи на ЕУ денеска во Брисел ќе бидат брифирани од Европската Комисија за ревидираната методологија за преговарање и за реформскиот напредок во Албанија и Северна Македонија.