Пишува: Нано Ружин

Дали Авганистанците наликуваат на Ханибал, и  толку се страшни и опасни, како што неодамна изјави  висок функционер  на ВМРО-ДПМНЕ? Дали навистина се монструми без душа, срце, без корен, без минато? Дали Заев треба да си ги носи дома, бидејки кажал дека ние имаме поголемо срце? Се надевам дека таквите ставови на опозиција со кои се идентификуваат  најрадикалните десничарски партии се само непромислени, недоволно елаборирани и емотивни реакции кои се спротивни и на стратегијата на САД, ЕУ и НАТО. Слично како во 2017, кога ВМРО-ДПМНЕ се ангажираше за собирање потписи и одржување референдум против бегалците и овој пат партијата чини погрешен чекор. Тогаш според Галуп од 138 држави, Македонија го зазела последното место во однос на расположението кон мигрантите. Денес темата за бегалците е на ниво на тезата за „изгубената хуманост“ на човештвото полна со омраза анимозитет или нетолеранција.

Со паѓањето на Кабул, главниот град на Авганистан, лидерите и меѓународното јавно мислење трауматизирани од мигранската криза  од 2015 се соочија со изнаоѓање брз одговор кон евентуалниот бегалски бран од Авганистан. Трауматизирано е и јавното мислење во Северна Македонија иако недостасуваат анкети за расположението на граѓаните околу ова прашање. Она што се регистрира како порака беше неповолното расположение на најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ, : „ во Европа не ги примаат а ние ќе ги примиме?! “ Слично размислува и градоначалникот на Ница Кристијан Естрози но од поинакви причини „Ние нема да примиме бегалци со оглед на траумите од џихадистичките атентати oд 2016 кога загинаа 86 граѓани..“. Со поостра реторика  размислува заменикот на Ле Пен, од екстремната десница Ј. Бадел кој вели дека е „глупост по се што доживеа Франција да се примат нови бегалци..“ Сепак мнозинството Французи (54%) и градоначалници се за прием на авганистанските мигранти но со  поосмислена политика на распоредување.

Пред шест години во епохата на најголемиот флукс на бегалци од Сирија, се размислуваше поинаку. Тогаш канцеларката Меркел порача  „  Германија ке успее! Германија ке прими 890 000 побарувачи на азил“. Меѓутоа во 2021 тоновите се сменија… „ Не смееме да ги повториме грешките од минатото кога финансиски не го помогнавме Високиот комесаријат за бегалци  на ОН оставјки ги луѓето да ги напуштаат Јордан и Либан во насока кон Европа“. Таа се изјасни „за контролиран прием на најранливите категории бегалци“. Францускиот претседател Макрон беше подиректен: „Европа неможе самата да се справи со последиците на сегашната состојба во Авганистан. Ние мораме да антиципираме и да се заштитиме од нерегуларниот миграторски бран“. Оваа реторика на Емануел Макрон создаде негативна реакција на социјалните мрежи. На твитер, Едвард Сноуден, францускиот претседател го нарече „Емануел Ле Пен“ асоцирајки на антимигрантските позиции на француската екстремна десница.

Пред да се развие темата, неопходно е да се направи диференцијација помеѓу регуларните контролирани 123 000 бегалци кои беа пренесени со помош на воздушниот мост на САД и сојузниците и нерегуларните бегалци кои преку Иран, Пакистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан можат да се упатат кон Турција и да пристигнат во Европа. Според Пентагон, „за две недели беше постигнат историски рекорд во пренесување на толкава маса на луѓе“ кои беа поделени во квоти помеѓу државите кои учествуваа во мировната мисија ИСАФ, меѓу кои и Северна Македонија. Се работи за интелектуалци, глумци, новинари, преведувачи, борци за човекови права на кои им се закануваа затворски или смртни казни. Можеби колапсот ке се одбегнеше да не се случеше повлекувањето на Американците. Според мислењето на претседателот на САД Бајден, повлекувањето на американските маринци од Авганистан била „добра и мудра одлука“. Пред американската администрација се поставила дилемата: „или  повлекување  или испраќање нови илјадници војници за војна против Талибанците…враќање или нова  ескалација?“.Затоа неговата администрација пресече согласно договорт од Доха од 2020, потпишан од страна на Доналд Трамп.

Она што не ги плаши ниту македонските ниту меѓународните авторитети не се регуларните бегалци, воглавно жени, деца и службеници во невладиниот сектор  туку некотролираниот бран бегалци кој може да пристигне од Турција и Грција преку Балканот до развиените европски држави. Без некои поголеми фантазми ЕУ смета дека авганистанските бегалци треба да останат во регионот со финасиска помош на побогатите држави. Слична е и пораката на експертите. Матие Тардис од IFRI смета дека „заради економски   причини 90% од авганистанските бегалци ке се засолнат во соседните држави Пакистан, Иран и Таџикистан“. Овој аналитичар е убеден  дека во справувањето со бегалската криза ке се повтори сценариото со Турција кога ЕУ вети 6 милијарди за да ги задржи сириските бегалци на сопствена територија.

Од државите приматели, Таџикистан кој поседува граница од 1300 км кон Авганистан вети дека е подготвен да прими 100 000 авганистански бегалци, што не е случај со Узбекистан и Туркменистан кои би примиле само ограничен број бегалци. Турција и Грција како транзициски држави се подготвуваат за мигранското цунами преку изградба на високи ѕидови. Турција ги интензивирала работите во подигањето на ѕидот во должина од 300 км кон границата со Иран. Претседателот Ердоган изјави дека „Турција во изминатите години примила 120 000 бегалци од Авганистан и дека повеќе не е во состојба да прима нови бегалци. Од своја страна Грција го доврши високиот ѕид 40 км кон турската граница на реката Еврос.

ЕУ и натаму е оптоварена со фобијата на отсуство на заедничка мигрантска политика заради неединството на државите членки. Настојувајки да ја хомогенизира позицјата на ЕУ, Шефот на ЕК Урсула вон дер Лајен се заложи за утврдување квоти за прием на бегалци за секоја држава членка. Белгија, Данска, Литванија, Латвија, Луксембург, Холандија, Шведска, Финска, Италија,  сметаат дека е неопходно да се потврди хуманоста кон несреќните азиланти од Авганистан. Австрија се изјасни за создавање „центри за азиланти“, слично постапи и Унгарија и тоа само за Авганистанци кои работеле со силите на ИСАФ.  Франција веке прими 1500, Шпанија 800 азиланти преку базата Торехон де Ардоз која стана нова порта за авганистанските соработници за влез во Европа. Канада и Велика Британија порачаа дека се подготвени да примат над 20 000 Авганистанци, додека САД ке прифатат најголем број азиланти за кои е предвидена и Програмата за прием на бегалци.

Во Европа полемиката на азилантската политика се поима како прашање на безбедносен ризик. Во некои држави конфронтацијата ја проследи идеолошката линија помеѓу радикалната десница која отворено е против приемот на бегалците и левицата и умерената десница која е за прием на бегалците. Како и да е тоа е лоша полемика која се провлекува и во нашето поднебје. Освен што приемот на бегалците е прашање на „големината на нашето срце“ како што порачува Заев, тоа е и наша деонтолошка, хумана обврска но и обврска кон меѓународните конвенции. Владата на Северна Македонија, Регионалниот центар за соработка во доменот на миграцијата, Министерството за внатрешни и надворешни работи, Министерството за труд и социјална политика,  во синергија со УНХЦР, УСАИД, Центарот за кризи, УНИЦЕФ, Транзитниот прифатен центар, Црвениот крст, Детското село и  Агенцијата за набљудување на границите на ЕУ-ФРОНТЕКС, во која до 2027 ќе го зголеми бројот на полицајци  на 10 000 лица, не треба да чека бегалците да се појават на самата граница туку да ја антиципира евентуалната мигранстка криза, доколку навистина се случи .