Во сообраќајната незгода повредени се возачот и четири патници. Сите се вон животна опасност, изјави за МИА, Сања Стаматова, портпарол на СВР-Битола.

Автобус полн со работници од фабриката „Кромберг и Шуберт“ во Индустриската зона Жабени кај Битола се преврте утрово во 6.30 часот. Во автобусот биле работници од третата смена кои требало да бидат транспортирани во Битола, пренесе телевизија Телма.  

Според информациите, автобусот се превртел на излезот од фабриката.

Петмина повредени биле пренесени во болницата во Битола, според првичните информации, а по кратките интервенции биле пуштени на домашно лекување.

Сања Стаматова, портпарол на СВР-Битола, изјави за МИА:

– Сообраќајната незгода веднаш беше пријавена во СВР-Битола и наши полициски службеници извршија увид. Во автобусот се превезувале лица вработени во фабриката и се движеле кон Битола. Во сообраќајната незгода повредени се возачот и четири патници. Сите се вон животна опасност, изјави за МИА Сања Стаматова, портпарол на СВР-Битола.

Од ЈЗУ Клиничка болница-Битола соопштија дека пет повредени лица се амбулантски третирани, тие се со полесни повреди и не се хоспитализирани.