Седум лица со висока температура и симптоми на акутна респираторна вирусна инфекција биле пренесени од хотел во северна Москва во болница.

Според првичните податоци, сите седум се кинески државјани, пренесува ТАСС, повикувајќи се на неименуван извор од „медицински кругови“.

Извор на агенцијата соопшти дека заболените пристигнале во Москва пред неколку дена, заедно со уште 20 лица.

Во исто време во Хрватска пристигна автобус со кинески туристи од градот Вухан, епицентарот на епидемијата на коронавирусот, објави порталот Индекс.хр.

Според порталот, туристите пристигнале со авион вчера во Милано, а оттаму со автобус за Хрватска. Тие минале здравствен преглед на аеродромот во Милано и никој немал симптоми на болеста.

Тие биле запрени на граничниот премин Брегана, каде им било укажано што треба да прават доколку забележат симптоми.

Според Индекс.хр, на возачот на автобусот му е даден бројот на епидемиолог на кој мора да се јави доколку забележи дека некој од патниците има симптоми на вирус.

За случајот е информиран и Хрватскиот институт за јавно здравје, кој претходно издаде упатства и за патниците кои одат во Кина и за повратниците или за туристите од Кина.

Бројот на починати лица од корона-вирус во Кина се искачи на 56, откако властите во провинцијата Хубеј известија за 15 нови смртни случаи и 323 нови заразени лица.

Според американските медиуми, кои се повикуваат на научна анализа, секој заразен со новиот вирус ја пренесува болеста во просек на две до три лица. Експертите, пак, се надеваат дека преземените мерки за контрола и превенција ќе го спречат ширењето на заразата за најмалку 60 проценти.