Автобусите со број 19, кои сообраќаат во рамки на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје, се исклучени од сообраќај. Според приватната компанија „Макекспрес“ која стопанисува со оваа линија, Град Скопје не им исплатил средства за превоз од февруари и заради тоа возачите еден по еден ги исклучувале автобусите, пишува Порталб.мк.
Автобуската линија 19, кој тргнува од Шуто Оризари до Карпош и обратно, е долга помеѓу 11,5 и 12 километри. Вчера попладне, како и денеска, автобусите не сообраќаа бидејќи Град Скопје не им исплаќа средства на сопствениците на автобусите.
Од компанијата „Макекспрес“ велат дека сопствениците на автобуси кои сообраќаат на оваа линија едноставно немаат финансиски средства за да работат.
„Не сме платени за февруари, исто март, април и еве сега е мај. Луѓето потрошија сè што имаа резерви и ги исклучуваат автобусите еден по еден, не затоа што сакаат, туку немаат можност. Од каде!? Треба да даваш од домашниот буџет! Финансиски не можеме да опстанеме“, велат од „Макекспрес“.