Балканските премиери денеска се поканети на вечера во ЕУ. Поканата им ја испрати високата претставничка на за надворешна политика Федерика Могерини.
Убавите европски перспективи за Западниот Балкан што се на хоризонтот за 2018 година ќе бидат главната тема на оваа вечера како и стратегијата на Европската комисија што треба да биде објавена во февруари. Балканските земји имаат големи очекувања од овој документ што треба да ја утврди политиката на ЕУ кон Балканот во наредните години.
Македонија се надева дека и таа ќе се најде во оваа стратегија заедно со Србија и Црна Гора, земји за кои првиот човек на ЕК Жан-Клонд Јункер најави нивно можно влегување во ЕУ до 2025 година.
– Европската унија е посветена на засилување на ангажманот кон земјите од регионот со цел да обезбеди шесте држави од Западен Балкан да ги преземат потребните чекори за нивното напредување кон ЕУ да стане неповратно, се наведува во соопштението од ЕУ.
Наредната година ќе биде клучна во процесот за пристапување на земјите од Западен Балкан, порача европскиот комесар за соседна политика и проширување Јоханес Хан. На говорот што тој го одржа во грчкиот институт „Хеленска фондација за европска и надворешна политика“ изјави дека ЕУ мора повторно да го покрене процесот на проширување со тоа што ќе ги убеди земјите кандидатки и држави членки на ЕУ дека европските интеграции се во интерес на двете страни.
Високи функционери на ЕК во моментов прават обиколка на земјите членки на ЕУ убедувајќи ги дека треба да и дадат зелено светло на идната стратегија за Балканот. Се уште не е познато дали таа стратегија ќе успее да собере поддршка од сите 28 земји членки. Брисел се надева дека и балканските земји ќе дадат се од себе за да ги убедат зејите членки за важноста на овој документ.
Најколебливи во моментов се Франција, Белгија, Луксембург и Холандија, додека германската поддршка би требало да дојде со формирањето на новата влада во Берлин. Новата влада во Париз инсистира на силна и неповратна борба против корупцијата на Балканот и најавува дека нема да го аминува документот идната година доколку не и бидат покажани кредибилни резултати за оваа борба. Таа борба подразбира и цела серија реформи пред се во судството, разузнавачките служби и јавната администрација.