Министерството за економија во понеделник ќе одлучува како ќе одговори на забраната која ја воведе  Косово за увоз на компири и мед од Македонија, откако македонските власти забранија увоз на икри  од Косово.

Министерот Крешник Бектеши ги отфрла како невистинити наодите на Косово дека не било одговорено на писмото што било испратено на 8 август до Министерството за економија.

„  Министерството за економија како и другите надлежни институции во земјата веднаш ја информираа косовската страна дека мерката е воведена согласно прописите на ЕУ за увоз на овие производи . Ова е согласно и со Спогодбата за санитарни и фитосанитарни мерки на СТО каде Република Северна Македонија е членка од 2003 година.

Во изминатиот период Агенцијата за храна и ветеринарство направи интензивни напори за надминување на проблемот и се обиде да добие  информации за животинскиот и рибниот здравствен статус, но вакви податоци не се добиени иако се побарани повеке пати од ресорната институција во Република Косово. Нивните претставници истакнаа дека системот за надзор на рибни болести во Република Косово не се следи, рекоа од Министерството за економија.

Министерот за трговија и индустрија во Владата во оставка на Косово Ендрит Шаља денеска наложи забрана на увозот на компири и мед од Северна Македонија.

Во соопштението на Министерството се вели дека се работи за „преземање реципрочна мерка кон Северна Македонија“, како и дека Царината на Косово се обврзува мерката да почне да ја спроведува веднаш.