„По закон, ЕСМ треба да понуди 60 отсто од потребните количини електрична енергија за ЕВН. Ние како Влада донесовме одлука 100 отсто од електричната енергија за потребата на регулираниот пазар да се обезбеди од домашни извори“ рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во „Вин-вин“ на Телма.

Тој додаде дека струја од регулираниот пазар добиваат 653 илјади домаќинства, како и околу 70 илјади економски субјекти.

„Досега сме потрошиле 240 милиони евра за субвенционираната цена на електрична енергија за сите на регулираниот пазар“, кажа вицепремиерот и додаде дека Владата потпишува рамковни договори со други земји за набавка за суровини за производство на електрична енергија.

Како што рече Битиќи, Владата не е обврзана да ги купи тие количини, но доколку нивната цена е под берзанската, тогаш тие ќе може да се понудат на стопанството.