Скопје викендот ќе биде домаќин на 48. издание на традиционалниот боксерски турнир „Златен Гонг“ кој се одржува во рамки на одбележувањето на празникот на градот 13 Ноември. Настанот и оваа година е под покровителство на Агенцијата за млади и спорт (АМС) и во него ќе учествуваат преку 40 боксери од Македонија, Албанија, Бугарија, Романија, Словенија, Србија и Косово.

„Традицијата продолжува и оваа година. Турнирот „Златен гонг“ е синоним за секое боксерско име од светската сцена. Од далечната 1969 година продефилираа голем број на реномирани боксерски имиња како легендарниот Мате Парлов, првиот освојувач Звонимир Вуин, македонските боксерски легенди Реџеп Реџеповски, Мухамед Алија, Азис Салиху, Примислав Димовски, Вели Мумин, Аце Русевски како и претставници на велесилите во овој спорт какви што се Куба, Русија, Италија Бугарија, Србија“, изјави Дарко Каевски, директорот на АМС.

Покрај трофејот „Златен Гонг“ што е наменет за најдобриот боксер, ќе бидат поделени и пехари и признанија за најдобар техничар, најдобар македонски боксер, најдобар тренер, најдобар судија и најдобар странски боксер. Борбите ќе се одржат во малата сала во СЦ „Борис Трајковски“. Полуфиналните мечеви се закажани на 9 ноември со почеток во 17 часот, финалето е на 10 ноември од 12 часот.