Истрагата против лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер, Бојко Борисов за злоупотреба на 30 милиони евра е отпочната по пријава на бизнисменот Васил Бошков, порачаа властите во Софија. Борисов синоќа беше приведен од бугарската полиција, денеска треба да биде сослушан, а до крајот на денот ќе се знае дали против него ќе биде покренато обвинение и ќе биде побаран притвор. Приведувањето на Борисов е во рамки на обемната операција на бугарските власти во соработка со Европското јавно обвинителство во која се „чешлаат“ 120 досиеја.
И додека членови и симпатизери на ГЕРБ денеска излегоа на протест во Софија на кој испорачаа три барања – итно ослободување на Борисов, оставка на владата и предвремени избори во Бугарија, премиерот Кирил Петков порача дека „никој не е над законите“ и го обвини бугарското обвинителство дека досега не преземало дејства.
„Ако европското Обвинителство прави проверки, време е и бугарското Обвинителство да си ја работи работата и да застане на страна на народот. Мислам оти сите знаеме дека има пријави кои Обвинителството очигледно не ги разгледува. Се надевам дека сега и тие, конечно, ќе сознаат каква е нивната улога“, рече Петков.
Бизнисменот Бошков, по чиј исказ бил инициран предметот, рече дека софиските обвинители не презеле ништо, па оттаму тој го контактирал европското Обвинителство. Апсењето на Борисов коинцидираше со вчерашната посета на главната европска обвинителка Лаура Ковеши во Софија.
„Владата ќе биде контактна точка со европското Обвинителство и тоа е јасен сигнал за силен ангажман на највисоко ниво. Тоа е во согласност со тоа што се обидува да го постигне европското Обвинителство во сите земји-членки“, рече Ковеши.
Од партијата на Борисов обвинија дека случајот претставува класична репресија кон политичките опоненти.
„Новата власт го покажа вистинското лице. Одмазничко и, зад насмевката, покажува заби“, изјави Томислав Дончев, партиски функционер во ГЕРБ.




