Пишува: Борјан Јовановски

Во Брисел, како седиште на ЕУ и НАТО внимателно се очекуваат резултатите од денешните избори во САД. Најавата за повторното враќање на Трамп и „трампизмот” и неговото мото „Америка пред се”, создава нервоза во европските престолнини по две основи. Прво, во однос на актуелната поддршка за Украина и нејзината одбрана од руската агресија.

Кевин Мекарти, потенцијалниот спикер во Конгресот пред еден месец рече, доколку победат републиканците нема да има „бланко чек“ за Украина.

Претходно, 11 сенатори лојални на Трамп во американскиот Сенат гласаа против пакетот за воена помош за Украина од 40 милијарди долари, иако поголемиот број на републикански сенатори сепак, дадоа зелено светло за американската воена помош за Украина.

Оттаму, грижата на ЕУ не се републиканците во традиционална смисла туку растечката поддршка на “трампизмот”.  Оваа загриженост ја изрази и генералниот секретар на НАТО Столтенберг изразувајќи сепак оптимизам за трансатлантското единство во однос на Украина.

„Сигурен сум“, рече генералниот секретар на НАТО, „дека и по среднорочните избори во Конгресот – во Претставничкиот дом и во Сенатот – сепак ќе има јасно мнозинство за понатамошна значајна поддршка за Украина“.

Столтенберг рече, дека е уверен дека Вашингтон ќе продолжи да и помага на Украина „делумно затоа што ако Путин победи во Украина, тоа ќе биде катастрофа за Украинците“.

Во обид да ги неутрализира аргументите на Трамп и неговите луѓе во изборната трка во однос на тоа дека Европа се брани со НАТО на американска сметка,  Столтенберг вети дека сојузниците ќе превземаат обврска да инвестираат во одбраната.

„Очекувам дека на самитот во Вилнус следната година, сојузниците од НАТО ќе преземат јасна обврска да инвестираат повеќе во одбраната“, додаде Столтенберг, истакнувајќи дека „премногу е рано да се каже“ каква точна формулација ќе користат сојузниците на НАТО.

Втора точка за загриженост во Брисел од исходот на овие избори во САД е и поддршката која републиканците на Трамп им ја даваат на авторитарните тенденции во Европа. Во мај годинава, националистичкото крило на Трамп одлучи годишната Конференција за политичка активност на конзервативците да се одржи во Будимпешта.

Мет Шлап, претседател на Конзервативната конференција, рече  дека има многу причини за восхит на американските конзервативци кон Орбан и Унгарија.

„Тој го прифати христијанско наследство и ако христијанските општества сакаат нивните вредности да се рефлектираат во владата, тоа е добра работа“, рече Шлап.

Ваквата поддршка од Вашингтон која би можела да се институционализира со евентуална победа на Трамп или “трампизмот” на претседателските избори во 2024,  би значела сериозна закана за и онака разнишаните демократски вредности во некои од земјите членки на ЕУ како Унгарија и Полска,  кои за трампистичка Аемрика, би станале главните партнери во ЕУ наместо Франција и Германија.