Бугарскиот Парламент синоќа ја прифати оставката на Владата на Бојко Борисов.
Тоа беше единствена точка на седницата на која 218 пратеници гласаа ЗА, а двајца беа воздржани, јави агенцијата БТА.
Борисов на 14. ноември поднесе оставка од премиерската функција, еден ден откако кандидатката од неговата партијата ГЕРБ за претседател Цецка Цачева беше поразена во вториот круг од претседателските избори од Румен Радев, кој ја доби поддршката од социјалистите.
За западот, Радев важи за про-руски претседател, иако тој цело време изјавува дека како бивш генерал на НАТО, нема намера да ја менува евро-атлантската насока на земјата.
Тој вели дека би сакал да има конструктивен дијалог и со Русија и со САД. Негова желба е да се стави крај на руско-западните препукувања и тензии и да се најде решение за конфликтите во Сирија и Украина.
Оставката на Борисов пак, за многу политички аналитичари значи дека земјата влегува во политичка криза.




