Претседателот на Синдикатот за индустрија, рударство и енергетика Пеце Ристевски денеска изјави дека фабриката нема да оди во стечај и сите работници ќе останат со статусот што го имаа.

– Проблемот е решен на задоволство на сите страни вклучени во преговорите. Од денеска кавадаречката компанија доби нов сопственик, тоа е бугарската „Енекод” која има 35 фирми со различни бизниси во Бугарија. „Енекод” ги презема сите обврски кон доверителите. Сите работници остануваат на работа без никакви промени во нивниот работен статус. Добија ветување од новиот сопственик за подготвеност и за нови вложувања со цел успешна натамошна работа, нагласи Ристевски.

Ристевски рече дека на денешната средба во кавадаречката компанија биле присутни и вицепремиерот Кочо Анѓушев и претставник на новиот сопственик, кој појаснил дека нема да има никакви проблеми и дека многу брзо ќе се продолжи со нормална работа. Струја и руда имало, неопходно било само јаглен  да се обезбеди, а имало и од каде да се донесе од Балканот.

Комбинатот за фероникел „Фени индустри” има околу 1.000 работници.