Бугарскиот премиер Стефан Јанев вчера го посетиле амбасадорите на Белгија и на Холандија, Фредерик Морис и Беа де Тошер. Како што информираат бугарските медиуми, во фокусот на разговорите, меѓу другото била и европската перспектива на Република Северна Македонија, како и предизвиците поврзани со тоа.
Преодниот премиер Јанев ја нагласил неопходноста од создавање на конкретен механизам за мерење и следење на напредокот во преговорите меѓу Бугарија и Македонија во исполнувањето на договорените ангажмани меѓу двете држави. Повеќе детали од средбата не се соопштуваат.
Македонскиот премиер Зоран Заев, вчера потсети дека основа за разговори со бугарската страна е португалскиот предлог и дека македонскиот идентитет и јазик се црвените линии над кои владата нема да оди.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ неколку денови го прозива Заев да каже што се преговарало со Бугарија, зашто според нив специјалниот претставник на владата, професорот Владо Бучковски наводно бил испратен во тајна преговарачка мисија.