Директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков на прес конференција пред МВР по полноќ рече дека неговото присуство во УБК е за да обезбеди дека некој “не манипулира нестручно со системот“ за прислушување.
– Тој систем не е сопственост на МВР, на УБК, туку сопственост е на операторот и само овластено лице од него може да пристапи до тој систем. Постојат огромни ризици за системот и за севкупната безбедност ако нестручно се манипулира и ако дојде до прекин. Затоа сум присутен овде, изјави Чавков.
Тој најави дека денеска ќе спроведе проверка за истрага – зошто од 14.30 часот припадници на „алфите“ биле распоредени пред УБК.
Директорот на УБК, Владимир Атанасовски, пак изјави дека „се трасираат чекорите целата постапка да заврши без ризик за безбедноста на државата“.
-Ќе постапуваме по судската наредба, но таа треба да биде во согласност со позитивните законски прописи. Тоа значи да немаме прекин во спроведувањето на посебните истражни мерки (ПИМ). Судската наредба се однесува на завршени ПИМ, а во посочениот период има и други ПИМ кои се уште се активни. Операторот треба да ги оддели активните од завршените ПИМ. Договорено е со претставникот од операторот да испратат нивни експерти и во наредниот период тој проблем да се надмине, рече Атанасовски.




