Лино Червар не сакаше премногу да размислува за осминафиналето со Норвешка по ремито со Исланд во последниот меч во групата Б на Светското првенство во ракомет во Франција. Ги пофали „црвено-жолтите“ за настапот, за резултатското враќање во второто полувреме и порача дека е време за мала релаксација.
„Македонците велат дека е добро да се испие едно пиво по ваков натпревар. Сега ќе го направиме токму тоа, сега е време за време за пиво“, рече предводникот на националниот тим.
Червар е задоволен од карактерот што „црвено-жолтите“ повторно го истакнаат и покрај присутните осцилации во играта.
„Не се предадовме и кога имавме минус пет. Македонските ракометари повеќе никогаш нема да се предадат. Се соочивме со многу предизвици и пехови. Се повредија и Манасков и Миркуловски, но издржавме, се извлековме, се докажавме“, додаде видно расположениот Хрват на клупата на Македонија.