Четири години откако Заев на прес конференција објави прислушуван разговор меѓу него и неговата 10 годишна ќерка, денеска во својство на сведок даде исказ во случајот „Таргет – Тврдина“ во кој се обвинети Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, пребеганиот Горан Грујоски и уште седум лица од пониските ешалони во УБК дека незаконски прислушувале илјадници граѓани.

„И за правдата треба време“, коментираше по сведочењето Заев. „Еве дочекав жив и здрав да сведочам за да биде јасно кој го правел таквото масовно прекршување на човековите права“.

„И на децата им е јасно кој прислушувал – тоа е веќе докажано само треба да се изрече пресудата. Тоа е докажано, не само со мојот исказ, туку имаше и вештачење, а има и други процеси и никој не ја спори автентичноста на разговорите. Конзумент бил Никола Груевски, тоа е јасно од анализите, синтезите кои биле правени за негова конзумација, но секако одговорен е министерот  за внатрешни работи, директорот на УБК, оние двајца кои побегнаа сите кои правале незаконски дејствија“, рече Заев.

Тој  еден час одговораше на прашањата на обвинителот Трајче Пеливанов за тоа кога дознал за прислушувањето, кој прислушувал и за средбите со Груевски на кои го убедувал дека поседува материјал со кој се потврдува дека незаконски се прислушувало. На прашање на обвинителот, тој рече дека нема да бара материјална оштета, но се надева дека „нанесената штета ќе биде делумно исправена со законска одлука донесена од Судот за овој случај“.

Освен Јанкулоска која го праша Заев дали имало дисконтинуитет во „бомбите“, останатите обвинети и нивните адвокати одбија вкрстено да го прашуваат.

Заев сведочеше дека првпат дознал за прислушувањето кога станал претседател на СДСМ во јуни 2013 година, а за тоа го информирал претседателот на партиската комисија за безбедност Зоран Верушевски. Документите кои ги поседувала партијата биле во пишана форма и во аудио запис, а увид во материјалите имале само тој и Верушевски.

-Дали тогаш ги познававте Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски – праша обвинителот.

-Денеска ги познавам, но во тој период кога бев запознат со документите од страна на Верушевски не ги познавав, одговори Заев.

-Дали имавте информација дека документите доаѓале од тие луѓе, праша обвинителот.

-Не, ниту прашував преку кои доаѓаат. Единствено ме интересираше дали доаѓаат од институции или надвор од институции.

-Што констатиравте од тие материјали?

-Дека има масовно незаконско прислушување и следење на комуникациите надвор од законски пропишаните норми односно без судска наредба  одговори Заев.

Во натамошниот тек на испрашувањето, Заев рече дека според нивните проценки биле прислушувани околу 20 000 луѓе – дел директно, а дел биле прислушувани кога комуницирале со нив. Најголем дел од телефонските разговори биле на поранешниот претседател Бранко Црвенковски, потоа на Заев и на други функционери од тогашната опозиција. По нив , според обем најмногу телефонски разгвоори имало на новинари, експертската јавност, професори, претставници на невладини организации, бизнисмени, високи претставници на верски заедници и неколку броја од високи претставнции на власта во тоа време. Значаен дел од разговорите биле на албански партии.

Заев: За да го уверам Груевски му цитирав дел од разговор за плацот на Водно

На Заев му биле прислушувани двата телефонски броја кои тогаш ги користел 070 214-143 и 075 213-143, и имало илјадници негови разговори и смс пораки. Прислушувањето, сведочеше Заев почнало од 2008 и траело до почетокот на 2014 година – за периодот пред и потоа рече дека нема докази.

-Каде се вршело прислушувањето?- праша обвинителот

-Прислушувањето се вршело во МВР во Управата за безбедност и контраразузнавање.

-Од каде знаете дека не било од надвор?

-Од самиот увид во материјалите, начинот на кој материјалите биле анализирани и синтетизирани, а потоа доставувани до тогашниот претседател на Владата Груевски. Изгледот и структурата на материјалите недвосмислено укажува дека тие доаѓаа од МВР – дирекција на управата за безбедност и контраразузнавање. Посебно што во тие материјали ги имаше и прислушуваните разговори направени преку посебни истражни мерки по наредба на Судот, а направени од системот кој тогаш псотоеше во УБК за следење на комуникациите – одговори Заев.

Тој ја потврди автентичноста на сите снимки и СМС пораки.

-На кого му кажавте дека имате вакви материјали?-праша обвинителот.

-Информацијата ја споделив со Груевски и со луѓе во обвинителството но само дека постојат „бомби“, а потоа ги споделив и до јавноста. Откако од Обвинителството ми рекоа дека нема шанси да бидат процесуирани, му кажав на Груевски а тој се шегуваше на средбите велејќи ми дека е невозможно да биде точно тоа што го зборувам. Но, Груевски кој го имаше под негова контрола Обвинителството одлучи да тргне приведување и лишување од слобода на сите кои ја имавме таа документација. За разлика од другите кои ги уапсија, мене ми го одзедоа само пасошот и јас така имав можност да ги споделам со јавноста прислушуваните разговори за да се направи притисок и да се запре со масовното прекршување на човековите права“, рече Заев.

-Колку средби имавте со Груевски – праша обвинителот.

-Четири во неговиот Кабинет. На овие средби му пренесов дел од разговорите за да му докажам дека ги поседувам. Содржината на тој разговор ја знаеше само тој и тој со кого разговара а беше за тоа како тајно купува плац на Водно – одговори Заев.

-Дали побара и фајл како доказ?

-Да побара, но не му дадов транскрипт од разговорот, рече Заев.

Одбраната бараше стенограм од сведочењето на Заев за да може на наредното рочиште вкрстено да го испрашува, но судијата Туфегчиќ напомена дека јавноста веќе реагира на бавното судење, а и поради фактот дека и за претходниот сведок Верушевски барале транскрипти, а потоа одлучиле да не го испрашуваат, за да не се губи време, побара од обраната денеска да заврши со сведокот.

По пауза од 5 минути, единствено Јанкулоска го праша Заев дали е точно дека имало дисконтинуитет во доставувањето на „бомбите“ во партијата СДСМ, на што Заев одговори потврдно, односно истакна има денови за кои не добиле ниту еден прислушуван разговор.

-Постоеја денови кога немаше материјали од нелегалното прислушување. Така на пример, имаше за датумите од 1 до 18 а недостасуваа за периодот од 18 до 24. Затоа не ги објавивме бомбите за „А1“ телевизија, зошто имаше празнина. Во секој случај не било возможно 100% да се земат материјалите и да се донесат во СДСМ, и одговори Заев на Јанкулоска.

Адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски се откажа од вкрстеното испрашување.

По сведочењето, пред Судот Заев одговораше и на новинарските дилеми дали со неговото сведочење во кое не го посочи директно Мијалков, сака да го амнестира од одговорност.

„Сашо Мијалков и тоа како е виновен, како директор на УБК. УБК тоа го правело, но лошотилукот го правел Груевски. Чесен политичар го пријавува тоа, а не да го конзумира и да ги слуша и новинарите кои разговараат со своите деца, невладините организации, верските заедници. Сите во ланецот треба да одговораат, и за мене нема дилеми. Тоа што го зборуваше Верушевски, го зборувам и јас и никој не се заштитува“, одговори Заев.

Заев не знае дали бомбите кои сега се пуштаат ги имале во СДСМ

Во текот на сведочењето, Заев неколку пати повтори дека СДСМ има одговорност за бомбите до моментот на предавањето во СЈО.

Снимките биле чувани во посебна заклучена просторија во СДСМ и увид во нив имале само Верушевски и претседателот на СДСМ без разлика кој е.

„Јас ги селектирав материјалите и јас јавно ги објавував. Само во два наврати со моја дозвола беа објавувани „бомби“ надвор од седиштето на СДСМ – еднаш пред Влада, а вториот пат Андреј Жерновски објави прислушуван разговор во Центар.

СДСМ не дозволи да излезе ниту еден разговор надвор поради чувствителноста на материјалите, бидејќи имаше и приватни разговори. Ги објавував само оние во кои имаше индиции за можен криминал и за кршење на закон“, рече Заев и додаде дека до Обвинителството доставиле еден милион прислушувани разгвоори, транскрипти и смс пораки.

На прашање на судијата Туфегџиќ дали „бомбите“ кои сега се објавуваат надвор од државата ги поседувале во СДСМ, Заев рече дека не знае, затоа што тој не разбирал албански јазик и тие „бомби“ не ги преслушувал.

„Таргет Тврдина“ ќе продолжи на крајот на ноември со нови сведоци на обвинителството.