Во судот во Мадрид започнаа да пристигнуваат членовите на сменетата каталонска влада и пратеници, кои ќе се соочат со можни тужби за бунт поради прогласувањето независност на Каталонија.
Вкупно 20 регионални политичари, вклучувајќи го и сменетиот каталонски лидер Карлес Пучдемонт, се повикани да се појават на суд.
Се работи за 13 членови на сменетиот каталонски кабинет и шест членови на парламентарниот одбор.
Како што пренесе АП, прв се појави заменикот на Пучдемонт, Ориол Жункерас.
Белгискиот адвокат Пол Бекерт, кој го застапува Пучдемонт, изјави вчера дека сменетиот каталонски лидер треба да биде испрашан во Белгија.
Како што изјави Бекерт, Пучдемонт нема да се врати во Мадрид за да се појави пред суд.
-Како што ми се чини, не гледам дека тој ќе се врати во следните неколку недели, додаде Бекерт за ТВ мрежата ВТМ.
Доколку Шпанија бара екстрадиција на Пучдемонт, тогаш за тоа ќе одлучат белгиските судии, а не владата, рече тој.
Пучдемонт во вторникот од Брисел порача дека нема намера да бега пред правдата, но дека нема да се врати во Шпанија доколку не добие гаранции дека ќе има праведно судење.
Тој го обвини обвинителството дека ја поттикнува желбата за одмазда против него, а истовремено рече дека нема да бара политички азил во Белгија, пренесуваат француските медиуми.
Пучдемонт со еден дел од својата сменета влада замина во Брисел откако шпанската централна власт ја презеде контролата над северо-источната покраина.
Шпанскиот истражен судија би можел да нареди апсење на бившиот каталонски лидер Карлес Пучдемонт и пет членови на регионалната влада, без разлика на тоа дали ќе се појави на суд во Шпанија.




