Србија го доби и мечот во двојки против Русија за 3:0 и пласман меѓу осумте најдобри селекции во годинашното издание на тенискиот Дејвис куп – Светска група. Троицки и Зимоњиќ на големо задоволство на публиката во Ниш ги совладаа Константин Кравчук и Андреј Кузнецов со 6:3, 7:6, 6:7, 6:4 и во четврт-финалето го очекуваат подобриот од дуелот меѓу Хрватска и Шпанија.
А, во Осиек, Хрватите поведоа со 2:1 по вториот натпреварувачки ден. По вчерашната победа на Шкугор над Карено Буста, попладнево Никола Мектиќ и Марин Драгања беа подобри од шпанската двојка Фелисијано Лопез и Марк Лопез со 6:7, 7:6, 7:6, 2:6, 6:4.
Карлос Берлок и Леонардо Маер, пак, ја одржаа во игра Аргентина, бранител на титулата, во мечот со Италија во Буенос Аирес. Славеа против Симоне Болели и Фабио Фоњини со 6:3, 6:3, 4:6, 2:6, 7:6 и немаат право на кикс во двата завршни дуела во сингл. Утре на мегдан ќе излезе најпрво Карлос Берлок против Паоло Лоренци, а по нив и Гвидо Пелја и Андреас Сепи.
Водство од 2:1 има и Белгија против Германија во Франкфурт. Пласман во четврт-финалето веќе осигураа Австралија и Франција во средбите со Чешка, односно, Јапонија.
Дејвис куп – Светска група/1 коло
Втор натпреварувачки ден
Буенос Аирес (земјена подлога): Аргентина – Италија 1:2
Токио (тврда подлога): Јапонија – Франција 0:3
Мелбурн (тврда подлога): Австралија – Чешка 3:0
Ниш (тврда подлога): Србија – Русија 3:0
Осиек (тврда подлога): Хрватска – Шпанија 2:1
Франкфурт (тврда подлога): Германија – Белгија 1:2
Бирмингам, Алабама (тврда подлога): САД – Швајцарија 2:0
Отава (тврда подлога): Канада – В. Британија 1:1