Денеска точно во 11:08 часот во Северната земјина хемисфера пристигнува летото. Метереолошките најави, особено за неделава пред нас, го потврдуваат тоа и со висината на температурите, Па така почнувајќи од денеска, живата на термометарот од 36 степени колку што се очекува да изнесува, до четврток и петок ќе се искачи на 41 степен, поради влијанието на топла воздушна маса од југ.
За денеска се очекува да има и локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветар, УВ индексот ќе биде 8, а во деновите пред нас 9.
Овие температурни осцилации не минуваат без зголемени повици во Итната медицинска помош, каде деновиве евидентирале по 100 повици дневно. Најчести проблеми на кои се пожалиле граѓаните се колабирање, покачен или намален крвниот притисок, болки во градите, итн. Покрај хронично болните, бројот на Брза помош го завртеле и помлади, но и лица без претходно евидентирани здравствени проблеми.
Лекарите советуваат да се избегнуваат непотребни излегувања од дома, да се носи полесна облека и да се избегнува масна и солена храна како и да се пијат многу течности.