Во јавните средни училишта во Македонија денеска ќе се спроведе второто пријавување во јунскиот рок за упис во прва година во учебната 2017/2018 година, а резултатите за запишани ученици ќе бидат објавени утре, 6 јули.

Министерството за образование и наука информираше дека слободни места во второто пријавување во првиот рок има за вкупно 24.529 ученици во јавните средни училишта во сите општини во Република Македонија иако, како што претходно објави, уписот во некои училишта е завршен во првото јунско пријавување, претежно во гимназии и во медицинската струка.

За настава на македонски јазик во второто пријавување има вкупно 16.118 слободни места, за албански наставен јазик 7.455, за турски наставен јазик има 819, за српски наставен јазик слободни се 34 места и 103 слободни места за повторувачи.