Длабоко човечка должност е да се крене гласот против злокобниот режим кој уби милиони луѓе – со глад!, истакна во својот говор Џабир Дерала во Собранието на Република Северна Македонија, по повод Денот на сеќавање на Гладоморот (26 ноември), организиран од Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија во соработка со Собранието на Република Северна Македонија.

Говорот на Дерала проследете го во целост:

„Пред 90 години, Сталин, диктаторот на државата што во тоа време се нарекуваше Советски Сојуз, издаде наредба за систематско и масовно изгладнување на една цела нација. Изгладнување до смрт. Украинската нација тогаш беше исправена пред изборот – да се покори или да биде уништена.

За само две години 1932-1933 година, монструозната операција Гладомор (на украински: Голодомор) бележи „значаен успех“.  Теророт со глад уби повеќе од 4 милиони луѓе. Во просек, тоа се 5,5 илјади души на ден. Сепак, на крвожедниот сталинистички режим не му беше доволен теророт со глад. Интелектуалците, писателите, просветните работници, православните свештеници, лидерите на заедниците беа апсени и прогонувани, депортирани во работни кампови, раселени низ Источна Европа, а многумина беа подложени на тортура и беа стрелани.

Режимот „сесрдно“ се потруди да го скрши духот и да ја уништи идејата за слобода во срцата на луѓето – студено и систематски брутално.

Замислете како секој ден, пред вашите очи, исчезнува по едно гратче или поголема населба од вашата држава. Како се гасат животите и исчезнуваат деца од градинките и училиштата, родилки од породилиштата, мажи и жени од улиците, од работните места, од домовите.

Замислете. Во една од најголемите житници во светот – за да се истреби нацијата – беше забранета токму храната. Целата нација која – и тогаш и сега беше позната по изобилството од храна – беше подложена на терор и изгладнување до смрт. Гладта беше оружје во рацете на геноцидниот режим кој им ја одземаше храната од рацете на децата, од полиците во домовите на луѓето. Селата ги опколија со војска и полиција, за да нема движење, да ја спречат солидарноста. Градовите останаа без трошка храна. Системот убиваше – милиони луѓе – со глад.

Причина: Затоа што се Украинци.

90 години подоцна, сегашниот диктатор на истата држава која денес се нарекува Русија, тргна во освојувачка војна, со една цел: Да ја покори Украина или да ја уништи.

На 24 ноември се навршуваат 9 месеци од целосната воена агресија против Украина. Соочена со херојскиот отпор на храбрите Украинци и Украинки, руската солдатеска ги компензира секојдневните понижувачки порази на бојното поле со грозоморни воени злосторства. Путин „доследно“ ги следи стапките на својот учител Сталин и, заедно со своите послушници и соучесници во злосторствата против човештвото, спроведува нов геноцид против украинската нација.

Цивилите, меѓу кои илјадници деца, жени, невооружени мажи и возрасни луѓе се подложени на непрекинато и неселективно бомбардирање. Војската и платеничките паравојски, вооружени до заби, фрустрирани од сопствената неспособност и кукавичлук, уште од првите часови на инвазијата убиваат цивили, силуваат жени и деца, ги подложуваат на ѕверска тортура, ги ограбуваат нивните домови, ја уништуваат инфраструктурата и го крадат украинското жито кое ја храни не само Украина, туку и целиот свет.

Пред 90 години, сталинизмот тргна во крвав и подмолен поход против слободата и животот на милиони луѓе во Украина. Денес, рашизмот на Путин се обидува да ја заврши крвавата мисија на суровиот режим за кој светот сакаше да верува дека е заминат во мрачните поглавја на историјата.

Геноцидот што пред 90 години го спроведе сталинистичкиот режим преку Терор со глад, помина неказнето. Токму затоа што светот ги затвора очите пред злото што живее во Кремљ, се случува нов геноцид. Сега, во овој момент. Освен бруталната огнена сила на ракетните системи и артилеријата насочени против цивилите, гладта повторно е оружје со кое се служи рашистичкиот режим. Зошто? Причината остана иста и по 90 години: Затоа што се Украинци.

Во пресрет на 8 Март 2022, Денот на жената, неполни две недели по почетокот на целосната инвазија на Русија против Украина (да не заборавиме, војната започна во февруари 2014 година), во Мариупољ згасна животот на шестгодишната Тањичка. Таа умре под урнатините на домот под неуморниот оган на руската артилерија. Умре од дехидрација, покрај мртвото тело на својата мајка, која прва им подлегнала на повредите од уривањето на нивниот дом. Малата Тања е една од безбројните цивилни жртви во геноцидната војна на Путин. Крвавата мисија започната во 1932 година, со Гладомор.

Геноцидната војна што ја води Русија, негирањето на украинската нација, јазик и идентитет, анексијата на делови од територијата на суверената држава Украина и систематското спроведување на терор против цивилното население, целосно го уриваат меѓународниот поредок. Војните за освојување на територии и претворањето на енергенсите и храната во оружје сега се реалност за светот.

Ако Путин и неговите партнери барем делумно успеат во своите злосторнички намери и ако се извлечат од одговорноста за геноцид, за Украина втор во овие 90 години – светот кој го познаваме ќе потоне во заборав. Наместо тоа, можеме да очекуваме секојдневни нови воени жаришта и терористички акции, нуклеарни закани, глад, несигурност и брутални насилства насекаде во светот.

Затоа, судбината на Украина е и судбина на светот.

Дозволете ми, од ова место, да упатам апел до парламентарците на мојата земја, Република Северна Македонија, да го прогласат Гладоморот за геноцид и да ја поддржат украинската борба за слобода. За да не се повтори никогаш повеќе.

Сакам да им изразам длабока почит и благодарност до сите Украинки и Украинци кои избираат слобода наместо покорување, по цена на неизмерни жртви. И пред 90 години и денес.

Все буде Україна! Слава Україні!“, истакна во својот говор Џабир Дерала.