Нивниот свет е свет на приватни авиони, луксузни париски апартмани, австриски скијачки одмори и школување на елитните универзитети во Лондон и Њујорк.

Нивните родители поседуваат врвен недвижен имот на најексклузивните авении на европските метрополи. Нивните профили на социјалните мрежи се исполнети со дизајнерски фустани и настани на црвениот тепих. Додека нивните родители јавно се противат на Западот, нивните деца растат токму во земјите чии општества тие тврдат дека не ги сакаат.

Тоа се децата на Кремљ.

Самиот Путин во говорот минатиот месец ги критикуваше Русите кои можеби „ментално“ се согласуваат со Западот, обвинувајќи ги дека мислат дека се дел од „повисоката класа“ и дека работат со Запад на „уништување на Русија“. „Рускиот народ секогаш ќе може да ги разликува вистинските патриоти од ѓубриња и предавници и едноставно да ги плука како комарец што случајно им влетал во устата“, рече Путин.

Но едно од првите семејства на наводната руска корупција и лицемерие е она на Дмитриј Песков, заменик-шефот на кабинетот и главен портпарол на Владимир Путин — улога што го прави најгласниот мегафон на Путин, оној кој речиси секојдневно ја шири пропагандата на Кремљ.

Соединетите Американски Држави неодамна ги санкционираа Песков, неговата сопруга и двете возрасни деца, наведувајќи дека семејството живее „луксузен живот кој не е во склад со платата на државниот службеник на Песков и веројатно е изграден на незаконски стекнатото богатство од врските на Песков со Путин“. Најмалку две од неговите деца (од два брака) се израснати во Западна Европа пред да се вратат во Москва како возрасни.

Песков – кој ја извршува својата улога речиси една деценија заработил 173.000 долари во 2020 година, носи дизајнерски часовник од 600.000 долари и отишол на меден месец на кој потрошил430.000 долари – една недела на јахта во близина на брегот на Сардинија, според истрагата на Фондацијата за борба против корупцијата основана од затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални.

Врз основа на имотната евиденција, објавите на социјалните мрежи и базите на податоци за сообраќајни прекршоци, Фондацијата за борба против корупција, исто така, откри дека поранешната сопруга и децата на Песков поседуваат луксузни возила и домови вредни повеќе милиони ширум светот — вклучувајќи ги Русија и Франција – споредено со фактот дека речиси 20 милиони Руси живеат во сиромаштија.

Комплицираната мрежа од компании, офшор банки и скриени трансакции често го замаглува богатството на видните Руси, но едно е сигурно: тоа често се  троши во западните економии.

„Тие сакаат да живеат на Запад, бидејќи најбогатите земји во светот се на Запад. Неверојатните центри на културата се на Запад“, велат од руската опозиција. „Западните земји имаат многу посигурно владеење на правото од Русија. Така, ако можат да внесат многу од своите пари на Запад, тие можат да се чувствуваат посигурни“.

Лицемерието на руските функционери и нивните семејства кои уживаат во раскошот на Западот е јавна тајна во Русија со години. Во 2016 година, во Државната Дума беше воведен предлог-закон со кој се забранува образованието на малолетните деца на повеќето руски функционери на странските универзитети, тврдејќи дека домашното образование ќе биде клучно за да станат вистински патриоти. Предлог-законот не помина.

24-годишната ќерка на Песков од неговиот втор брак, Елисавета Пескова — чии жестоки објави на социјалните мрежи често станаа храна на руските и европските таблоиди — не се оддалечи од центарот на вниманието или контроверзноста. Таа вели дека се чувствува „подобро во европската средина“ и го нарече рускиот образовен систем „вистински пекол“.

Неодамна, таа на Инстаграм се спротивстави на јавните изјави на нејзиниот татко објавувајќи и „не на војната“ што е слоган што го користат Русите кои се противат на војната во Украина. Објавата беше снимена и споделена од рускиот медиум ТВ Дожд, но брзо беше отстранета.

Како мало дете, Пескова, наводно, учела на Ecole des Roches надвор од Париз — каде што годишната школарина е околу една четвртина од платата на нејзиниот татко, а воннаставните активности вклучуваат часови по авијација. Пескова го продолжи своето париско образование со стажирање во Луј Витон и диплома за маркетинг од француско бизнис училиште. Таа дури била и на волонтирање во Европскиот парламент. Според Антикорупциската фондација, Пескова и нејзината мајка купиле стан од речиси 2 милиони долари од 180 квадратни метри во 2016 година во една од најскапите париски населби, на авенијата Виктор Иго, лоцирана помеѓу Ајфеловата кула, Триумфалната капија раскошниот Bois de Boulogne.

Екстравагантноста на Пескова во Франција е паралелна со онаа на нејзиниот полубрат во Русија. Истрагата од 2017 година на антикорупциската група на Навални, откри дека Николај Чолс – најстариот син на Песков кој пораснал во Англија – патувал низ светот со приватни авиони, поседувал врвен недвижен имот во Москва и се тркал со својата флота од луксузни возила низ градот. Песков за Business Insider изјави дека е „вознемирен“ бидејќи ограничувањата го спречуваат да патува. Во изјавата за Телеграм, Песков напиша дека е „горд“ што е Русин и дека санкционирањето на возрасни деца и „особено деца“ е „лудо“. „Тешко дека има фер известување“, додаде тој, „за време на таков лов на вештерки и омраза кон сè што е руско“.

Пескови не се единствените деца поврзани со Кремљ кои уживаат или уживале во високото западно општество. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров ја испрати својата ќерка на престижни универзитети во Лондон и Њујорк. Дури и ќерката на наводната девојка на Лавров навидум има корист од неговата влијателна позиција: таа објави слики од себе на јахтата, австрискиот ски-центар и вилата на плажа на богат олигарх, според Антикорупциската фондација. Полина Ковалева — која владата на Велика Британија ја нарекува „поќерка“ на Лавров иако тој официјално не е оженет со нејзината мајка — поседува стан од 5,8 милиони долари во една од најскапите населби во Лондон, според неодамнешните санкции наметнати против неа.Антикорупциската фондација откри дека Ковалева го купила станот во Кенсингтон кога имала 21 година.

Многу помалку видливата ќерка на Лавров, Екатерина Винокурова, која сега има 39 години, беше на Универзитетот Колумбија во Њујорк, каде што живееше 17 години, пред да дипломира на Лондонската школа за економија. И Ковалева и Винокурова неодамна беа санкционирани од Обединетото Кралство.

„Ова испраќа силен сигнал дека оние што се поврзани со одговорните за руската агресија се во опсегот на нашите санкции“, напиша министерката за надворешни работи на Обединетото Кралство Лиз Трус во соопштението за печатот во кое ги објави санкциите против Ковалева.

Самиот Путин не е исклучок од лицемерието на острата антизападна реторика. Една од неговите партнерки, кој наводно му родила ќерка, стана сопственик на стан вреден 4,1 милиони долари во Монако само неколку недели по раѓањето на детето, според истрагата на рускиот независен медиум „Проект“, врз основа на таканаречените „Пандора пејперс“.

Неговата најстара ќерка Марија, наводно, се омажила за холандски бизнисмен. Се вели дека парот живеел во стан вреден 3,3 милиони долари во Холандија. Вила, пак, со осум спални соби во Бијариц, Франција, се тврди дека е на неговата помлада ќерка Катерина, како и замок вреден повеќе милиони долари што  го купил нејзиниот поранешен сопруг Кирил Шамалов од долгогодишниот пријател на Путин и милијардер Генадиј Тимченко.

И двете ќерки на Путин беа санкционирани од Обединетото Кралство и САД минатата недела.

(преземено од новинските агенции)