Дидие Рејндерс, досегашен министер за надворешни работи, го добива и портфолиото “одбрана“ и станува “суперминистер“ во сега малцинската влада на Мишел, изјави премиерот.
По напуштањето на НВА, се празни и функцијата државен секретар за миграција кој и е предаден на министерката за здравство, Маги Де Блок од фламанските либерали. Министерството за внатрешни работи му се доделува на Питер де Крем од фламанските демохристијани.
По денови владина криза синоќа главниот коалициски партнер во белгиската влада, НВА, најави дека поднесува оставка. Оставките на петтемина министри и државни секретари од оваа партија ги прифати Кралот Филип Втори денеска, како што налага Уставот.
Со ова белгиската влада станува малцинска сѐ до следните парламентарни избори во мај 2019 и ќе треба да смета на алтернативни мнозинства во Парламентот за да преживее. Сепак, поранешниот коалициски партнер НВА гарантира дека ќе даде поддршка за клучни досиеја како буџетот.
Партијата НВА се повлече поради тоа што не ја поддржува волјата на владата и на сите белгиски партии да се потпише Пактот за миграции на ОН. Единствената партија што беше против овој Пакт е екстремната десница Вламс Беланг, на која од денес и се придружи и НВА.
Главниот коалициски партнер на белгиската Влада, фламанската националистичка партија НВА, доцна синоќа одлучи да ја напушти извршната власт по денови криза околу Пактот за миграции на ОН.
– НВА го напушти Советот на министри, констатирам дека таа го напушти мнозинството, изјави синоќа премиерот Шарл Мишел по последниот министерски состанок на кој коалициските партнери се обидоа да ја спасат Владата.
Министерските места на НВА ќе им бидат трансферирани на државни секретари, иако за сега е неизвесно точно како тоа ќе се случи, дали Кралот или Парламентот ќе им ги одземе мандатите. Во секој случај, Мишел увери дека сите процедури ќе бидат во согласност со Уставот.
Вкупно со националистите заминуваат тројца министри, меѓу кои и министерот за внатрешни работи Јан Јамбон, како и министерот за финансии, како и двајца државни секретари, од кои едниот беше задолжен токму за миграција и азил, Тео Франкен.
Владината криза изби пред неколку дена кога НВА одби Белгија да стави потпис на Пактот за миграции на ОН кој треба да биде одобрен утре во Маракеш, а на 19 декември треба да биде изгласан во Њу Јорк. Одбивањето на НВА да го поддржи овој Пакт го наведе премиерот Мишел да побара поддршка од Парламентот преку алтернативно мнозинство, без националистите. Шефот на партијата НВА, Барт Де Вевер, го предупреди Премиерот дека доколку замине за Маракеш в понеделник, владата ќе падне.
По маратонски министерски совет синоќа, Мишел потврди дека утре заминува за Мароко за да го “одбрани во име на владата, зборот на Белгија“.
Следните редовни парламентарни избори се планирани во мај 2019 и за сега ниедна партија не изразила волја за предвремени избори. Политички консултации се предвидени по враќањето на Премиерот од Мароко.




