Државната изборна комисија (ДИК) денеска до Кабинетот на претседателот треба да достави мислење за временските рокови што се потребни за спроведување на изборниот процес. Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера имаше средба со членовите на ДИК, со што се започна со собирање на договорените дополнителни информации што треба да им помогнат на лидерите на политичките партии за одредување нов датум за парламентарни избори.
Лидерите на политичките партии на средбата кај Пендаровски во вторникот се договорија да се побара мислење од Комисијата за заразни болести во однос на мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување на изборни процеси во време на пандемијата на ковид-19, ДИК да достави мислење за временските рокови што се потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес, како и мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија за изборите. Нова лидерска средба е најавена во текот на наредната недела.
Во ДИК има различни мислења во врска со продолжувањето и спроведувањето на изборниот процес во контекст на мерките на сила за превенција на ширењето на коронавирусот и, речиси, двомесечниот прекин на овие дејствија, како и за Уредбата со законска сила што на 21 март ја донесе Владата, за што говорат ставовите на претседателот на ДИК Оливер Деркоски и членот на Комисијата Борис Кондарко.
Деркоски, кој е делегиран од ВМРО-ДПМНЕ, смета дека изборниот процес треба да се организира од почеток, со повторно распишување на изборите, за да не може никој да го оспори нивниот легитимитет. Неговиот колега Борис Кондарко, предложен од СДСМ, пак смета дека изборните рокови треба да продолжат таму каде што биле прекинати поради прогласената вонредна состојба.
Ист став застапуваат и претседателот на Собранието, Талат Џафери и поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски, според кои, веднаш по прекинувањето на вонредната состојба треба да продолжат активностите за организација на изборите од каде што застанале, а партиските лидери, по препораката на здравствените власти, да го договорат терминот за нивно одржување.
Парламентарните избори беа закажани за 12 април, па одложени поради вонредната состојба и ширењето на ковид-19. Изборниот процес беше прекинат на 22 март со заклучок на ДИК, а по донесената Уредба со законска сила од Владата.
Премиерот Оливер Спасовски вчера од Штип порача дека Владата прави детален протокол како ќе се одвива кампањата на политичките партии на терен, но и како ќе спроведат изборите на денот на гласањето.
„Главно во сите протоколи е дистанцата и носење на заштитна опрема и тоа е многу важно ако сакаме да ја одржиме состојбата, ваква каква што ја имаме, да имаме тенденција на намалување на инфицираните и од тој аспект ќе биде подготвен детален протокол, како да се однесуваат политичките субјекти, во текот на изборната кампања и за самиот ден на изборите“, вели Спасовски.
Тој очекува дека партиите веќе наредната недела ќе го утврдат и датумот на предвремените парламентарни избори. Повтори дека приоритет е здравјето на граѓаните, но дека исто така е добро што поскоро да имаме избори, за да имаме функционални институции.
Партиите со различни ставови за дел од изнесеното на лидерската средба
По лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ повторно со различни толкувања на тоа што било кажано таму.
Од СДСМ наведоа дека на лидерскатата средба, сите политички партии изразиле целосна и недвосмислена доверба во Комисијата за заразни болести, во епидемиолозите и во Владата за начинот на справувањето со кризата, и покрај тоа што, како што беше наведено во соопштението од партијата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски имал првична идеја да ја партизира оваа стручна комисија, за што подоцна се премислил и повлекол.
„Зоран Заев беше прв на лидерската средба што целосно јасно со детално разработени факти ги отвори сите аргументи за очекувањата во здравствениот аспект и економските последици, за потребата од избор на институции со полн легитимитет даден од граѓаните во првиот можен рок, за условите и роковите, за завршување на ажурирањето, дополнителниот јавен увид и проверки, па се до печатење на изборниот материјал“, посочија од СДСМ.
„Избори мора да има заради здравјето на граѓаните, заради новата економија за која се подготвуваме, заради институциите кои им служат на граѓаните и заради новата нормалност која мораме веќе да ја гледаме како можност, а не како пречка“, порачаа од СДСМ.
„Нема политичка влада која треба да ја носи одговорноста и функционален законодавен дом и функционална политичка влада која што ќе носи одговорни политики. Затоа час поскоро треба да ја завршиме оваа работа“, истакна Заев.
Од друга страна, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека Заев инсистира на небезбедни избори со помала излезност за да го ублажи својот пораз.
„ВМРО-ДПМНЕ е прилично задоволна од исходот на лидерската средба кај претседателот Пендаровски затоа што начелно беше прифатен планот во четири точки што го понудивме, а тоа е консултација и извештај од Комисијата за заразни болести, консултација извештај и проценка од ДИК, потоа извештај и допис од ОДИХР кога ќе можат да испратат полна набљудувачка мисија и откако ќе се исполнат овие услови на крајот да се направи една сериозна анализа за определување на нов термин за одржување на безбедни, регуларни и кредибилни избори“, рече Милошоски.
Според него, за жал само Заев кој е претседател на СДСМ останал единствениот изолиран политичар кој, без разлика на потребата од сериозни анализи од здравствен и изборен аспект, лицитира со изборни датуми, но за среќа ниеден друг претседател на политичка партија присутна на самиот настан не ги прифатил.
„Зошто господинот Заев лицитира на ваков начин со датумот за изборите можеме само да претпоставиме. Една од претпоставките е дека во последно време се повеќе анонимни дојавувачи така наречени „свиркачи“ се охрабруваа за господинот Заев како премиер и за неговите поблиски соработници да споделуваат со нас материјали кои што се основани сомненија за одредени инкриминирани дејствија. Веројатно и самиот е свесен за тој податок и сака лов во матно, односно организирање на небезбедни избори кои што би можеле да го намалат одѕивот на граѓаните, а со тоа Заев да го ублажи својот очекуван пораз“, рече Милошоски.