Државната изборна комисија денеска на својата веб-страница ги објави сите листи на кандидатите за пратеници.

Политичките партии веќе трет ден тераат кампања, владејачката ВМРО-ДПМНЕ кампањата ја започна од Охрид, а СДСМ првиот митинг го одржа во Прилеп.

На овие избори ќе учествуваат 11 политички субјекти – пет коалиции и шест партии.

Право на глас имаат вкупно 1.784.524 граѓани. Во дијаспората ќе можат да гласаат 20.591 македонски државјани.

Под реден број еден на избирачкото ливче ќе биде Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, под редниот број два е Демократската партија на Албанците (ДПА), тројка е Демократската унија за интеграција (ДУИ), a редниот број четири го извлече Коалицијата предводена од СДСМ. Под број пет на избирачкото ливче ќе биде Коалицијата За промени и правда, предводена од Демократски сојуз, шеста ќе биде Партијата за демократски просперитет (ПДП), седмото место е за Коалицијата Алијанса за Албанците, осма Либералната партија, деветта ВМРО за Македонија, десетта на избирачкото ливче ќе биде Движење БЕСА и 11-та политичката партија Левица.