„Мислев дека ќе можам да ја задржам дипломатската пристојност, и да не говорам за отстранувањето на документите од архивата на МНР пред моето доаѓање во куќата, но кога ќе се поминат црвените линии на пристојност, сите треба да ги отвориме картите до крај“, напиша вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи во подолгиот одговор на обвинувањата од неговиот претходник Никола Димитров, за начинот на кој МНР и Владата се справуваат со бугарското вето и францускиот предлог.

Жестокоста на двете реакции ја шокира јавноста бидејќи судирот меѓу сегашниот и поранешниот министер се одвива без вообичаените дипломатски ракавици кога се работи за политичари од толку висок ранг, и со меѓусебни обвинувања за тоа кој попуштил пред бугарските барања, па дури се оди и дотаму што Османи го обвини Димитров за кражба на документи од МНР.

Двете реакции ги пренесуваме интегрално.

Бујар Османи:  „Ова е сегашната наша ситуација во односите со Република Бугарија. Досега имаме потпишан само еден Протокол, потпишан токму од мојот претходник, во кој има неколку јасни обврски кои за жал, само сме се обврзале, но и не сме ги реализирале:

„Првата е дека го прифаќаме бугарското гледиште кон Илинденското востание, прифаќајќи ја номенклатурата „Илинден Преображение – востание“, создавајќи со тоа рамка во која Комисијата се очекува да делува, што, пак, создава тешкотии во нивната работа, но воедно и веќе создала преседан во односите со Република Бугарија, дека историските прашања може да ги решаваме политички, наместо да ѝ ги оставиме на Комисијата“.

„Второ, потпишувајќи го единствениот Протокол, мојот претходник ја обврзал и Комисијата, но и земјата, пред целиот свет, дека имаат краток рок до крајот на 2019 година, да најдат решение за Гоце Делчев и востанието, сега веќе и дефинирано согласно бугарската позиција како „Илинден Преображение“.

„Не сметам дека имал лоши намери тогаш, но нема да го премолчам неговиот обид сега да се „пењави“ на нашиот обид да направиме пристоен Протокол, во кој нема да се обврземе за содржината, туку за принципите на нашата работа, претставувајќи нѐ сега нас како предавници на неговиот потпис“.

„Ќе продолжиме со нашата работа без разлика колкава хистерија ќе создаде мојот претходник. Ќе обезбедиме пристојно решение со Република Бугарија, но и Европска иднина за земјата.“

„Овој документ кој сега го презентирам, во неговата физичка форма недостасува во МНР, очекувано е кој си го земал пред да си отиде и со какви намери“.

Поранешниот шеф на дипломатијата Никола Димитров оцени дека Владата и министерот Бујар Османи во голема мера ги влошиле преговарачките позиции на Македонија во однос на Бугарија

Никола Димитров: „Итна реафирмација на македонските позиции! Очајот на (дел од) Владата за лажен успех оди дотаму што четирите услови на премиерот гласно и јасно изговорени од сред Брисел, се стопија прво на два зборови, „протокол“ и „отворање”, па за 24 часа само на еден збор „протокол”.

„Од повикот на шефот на дипломатијата пред три дена бугарскиот парламент да не го усвојува предлогот бидејќи тоа „ќе го блокира долгорочно европскиот процес” за само еден ден потоа токму усвојувањето на предлогот стана „голем напредок”.

„Ако потрае оваа агонија на игра со зборови и позиции уште малку, веројатно предлогот ќе им стане целосно прифатлив и ваков каков што е, а од историското НЕ ќе остане само горчливата прашина. За жал, ако навистина дојде до тоа – ќе ја дишеме сите долго, заглавени во ќорсокакот.  Затоа најитно е потребна гласна реафирмација на македонските позиции и дома и надвор, за да ги чујат сите кои можеби не сакале да ги слушнат, вклучувајќи го и еврокомесарот Вархеји“.

„Во вакви услови, кога јавноста е оставена да се храни само со полуинформации, како очекувате да нема грижи и дилеми“?

„Абе за НАС се работи, за секој од нас. Има да одговарате на секое ново прашање, а не уште да обвинувате“.

„Па, министри кои се закануваат со кривичен прогон на совесни граѓани кои целосно се вложиле да спречат национална катастрофа нагалено наречена „државна стратегија“ нарекувајќи го тој автентичен чин „хибриден напад” треба веднаш да ги снема од Владата. Ако тоа не се случи, одговорноста ќе падне на целата Влада“.

„Граѓанското несогласување и активизам е срцето на демократијата. Ако до овој најнов срам проблемот беше надворешната божем-политика што со зборовите на Петков доведе до „неверојатен дипломатски успех” за Бугарија, со сесрдна помош и соучесништво на македонската влада, сега проблем е и овој беден обид за божем заплашување“.

„Имаше две неспорни области на напредок последниве години, токму надворешната политика и слободата. Како стоиме денес нервозни господа во тие области, ако надворешната политика дозволи ваков дебакл што го гледаат сите со отворени очи, и дома и надвор, распрскувајќи ги македонските црвени линии на парчиња, а министри се закануваат токму кон слободните граѓани кои се обидуваат да ја намалат штетата, што веќе секако е огромна“?

(С.К.)