Директорката на клиниката за детски болести Аспазија Софијанова поднесе оставка. Веста ја соопшти Министерството за здравство, со назнака дека оставката ја поднела на барање на министерот за здравство Беким Сали.

Докторката Софијанова, угледен и широко признат педијатар и со академска кариера зад себе, оставката ја поднесува по скандалот кој избувна неодамна, кога новинар влезе во нејзиниот директорски кабинет обвинувајќи ја за злоупотреба на дневници за ноќни дежурства на клиниката. Софијанова тоа го негираше и најави тужба но набргу потоа истиот новинар објави вест дека имало усни наредби за зголемување на бодот за плата на еден доктор на клиниката што имплицираше дека директорката Софијанова стои зад тој потег во обид да ги оправда своите високи парични примања кои новинарот претходно ги објави.

Оставка поднел уште еден директор, Никола Васев од Клиниката за радиотерапија и онкологија. И во овој случај во соопштението од Министерството за здравство се вели дека оставката е поднесена на барање на министерот.

Министерството за здравство вели дека е почнат процес за назначување на нови директори.