Претседателот на Европскиот Совет во заминување Доналд Туск денеска се очекува да биде избран за претседател на најголемата политичка групација во Европа, Европската народна партија. На Конгресот на Европската народна партија што денеска се одржи во Загреб, Туск е единствен кандидат.
За едно од потпретседателските места на Европската народна партија се очекува да биде избран комесарот за проширување во заминување, Јоханес Хан.
Обајцата, Туск и Хан се познати како силни поддржувачи на процесот на проширувањето кои за време и пред одржувањто на октомвриската сесија на Европскиот Совет гласно се залагаа за одобрување за старт на преговори за членство за Македонија и Албанија.
Доналд Туск на оваа функција ќе го замени, францускиот конзервативен полтичар Јозеф Дол за време на чиј мандат како претседател, Европската народна партија беше изложена на критики поради порастот на влијанието на авторитарните тенденции во некои од членките на ова политичко семејство, како што се унгарскиот Фидеш на Виктор Орбан и полската владеачка партија на Право и Правда . Овие критики резултираа со сузпензија на членството во ЕНП на унгарскиот Фидеш, а на остра критика беше изложена и македонската опозициска ВМРО ДПМНЕ.
Со неговиот избор, за првпат некој од Источна Европа ќе го води големото семејство десничарски партии во ЕУ, во кое спаѓа и ЦДУ на германската канцеларка Ангела Меркел и француската партија Републиканци.
Со оглед на пролибералната ориентација на Доналд Туск, се очекува да биде намален маневарскиот простор на илибералните тендеции во членките на ова европско политичко семејство.
Инаку, една од темите на Конгресот на Европската народна партија кој ќе се одржи в среда во Загреб ќе биде и процесот на проширувањето на ЕУ кон Западиот Балкан.
При последниот јавен настап како претседател на Европскиот Совет, пред студентите на Европскиот колеџ во Бриж, Доналд Туск остро ги критикуваше ставовите на францускиот претседател Макрон.




