Бурни реакции кај највисокиот државен врв по прес конференцијата на вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.
За дел од владините министри, вакците ставови на Димитров се одраз на неговото незадоволство и разочараност оти не се најде во новиот владин состав. Не се согласуваат со неговите наводи и демантираат оти националните интереси биле загрозени во преговорите со Бугарија. Опозицијата го обвини дека глумел жртва.
„Македонскиот идентитет и македонскиот јазик воопшто не се тема на разговор помеѓу Скопје и Софија, тврди премиерот во оставка, Зоран Заев во реакција по прес конференцијата на вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров. Заев вели дека Северна Македонија има јасни позиции во разговорите со Бугарија, изградени со целосно владино единство и испратени како одговор од нашето МНР до бугарското МНР.
„Македонските позиции дадени како наш одговор по однос на темите кои се предмет на разговори со Бугарија, за кои јавноста е добро запознаена, се изградени низ сеопфатен консултативен процес и работни состаноци во кои Никола Димитров имаше активна и суштинска улога и за кои придонесе со своите ставови, а пак таквите наши позиции се целосно на линија на португалскиот предлог кој беше предлог и на словенечкото претседателство, но и целосно во согласност со Резолуцијата усвоена во Собранието на Северна Македонија“, се вели во реакцијата на Заев.
Тој додава дека со македонските позиции во овие преговори се согласил и Никола Димитров, впрочем, вели, тој имал сериозен удел во создавањето на тие позиции, низ процесот кој го водеше министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
„Доколку Димитров е против било што од позициите кои сме ги изградиле заедно, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто, бидејќи во спротивно останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации со цел од напред да се става товар на недоверба во владата“, реагира Заев.
За идниот мандатар, Димитар Ковачевски, ставовите на Димитров се одраз на лично незадоволство поради завршување на неговото учество во Владата, а наводите на вицепремиерот за европски прашања, околу текот на преговорите со Бугарија, ги демантира како невистинити.
„Имаме јасни државни позиции во однос на разговорите со Бугарија, имаме усвоена Резолуција во Собранието, поддржана од сите партии. Димитров лично бил дел од градењето на истите тие позиции. Македонскиот јазик и македонски идентитет не биле, не се, и нема да бидат тема на разговор. Дали господинот Димитров е против овие изградени држави позици во однос на разговорите со Бугарија и во кој дел треба да каже самиот. Граѓаните да бидат спокојни дека Владата во целост ќе ги заштити националните интереси, а преговорите на ниеден начин не се загрoзени со заминувањето на Димитров“, вели Ковачевски.
Министерот за одбрана, Бујар Османи, кој беше најпосочен оти се трудел на успех по секоја цена, тврди дека за важните стратешки прашања во Владата секогаш се формира Работна група – највисоко политичко тело кое по правило го предводи Премиерот, и на кое постојано се повторуваат и прецизираат државните интереси на земјава. Ова не се однесува само на сегашните разговори за надминување на отворените прашања со Република Бугарија, туку за етаблирана пракса која беше применета и при создавањето на Договорот од Преспа, пиша Османи на Фејсбук како реакција на наводите на Димитров. Тој ги повика сите колеги, сегашни и поранешни, да покажат доблест и фер однос едни кон други, да го задржат нивото и довербата која се градела долги години и да ја обезбедат за граѓаните европската иднина која им ја ветиле.
„Граѓаните очекуваат од нас да ја искористиме оваа нова политичка иницијатива за да ја зајакнеме довербата меѓу двете Влади и меѓу двете држави. Резултат на оваа активност е веќе договорената посета на високата владина делегација предводена од Премиерот Петков на Скопје на 18 февруари, а во постојана комуникација со нашите колеги од Бугарија, веќе работиме да постигнеме согласност за одржување и на заедничка седница на двете Влади само една недела подоцна, или на 25 февруари. Од успехот на овие посети ќе зависи и насоката и силината на новиот моментум во односите меѓу двете земји, и оттука сите активности кои го загрозуваат овој успех ги сметам за непродуктивни и нефер“, пиша Османи.
Првиот вицепремиер Артан Груби вели оти тој имал апсолутна доверба во Османи, нарекувајќи го чесен, одговорен и совесен во својата работа.
„Убеден сум дека ќе изнајдеме решение со Бугарија во првите шест месеци од оваа година и во исчекување сум на посетата на новиот премиер на Бугарија, како и на одржување на заедничка владина седница во текот на овој месец. Жалам што колегата Димитров рече дека немал доверба во господинот Османи и тоа не крајот на својот мандат. Можеби би било добро тоа да го кажеше на почетокот, за да можевме да пристапиме кон градење на таа доверба помеѓу Османи и Димитров. Но, јас сум убеден дека граѓжаните немаат никаква основа за недоверба ниту во Османи, ниту во Владата затоа што се е транспарентно и било кој договор да биде ќе мора да биде претставен пред граѓаните и да биде прифатен од граѓаните“, рече Груби.
Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски ја разбирал разочараноста на Димитров и вели оти тој дал силен придонес во европските перспективи на земјата.
Реагираат и од Министерстовото за здравство од каде го повикаа Димитров јавно да признае дека не присуствувал на повеќето седници на кои се носеле ковид мерките.
„Министерството за здравство е изненадено од непромислената изјава на вицепремиерот Никола Димитров, со која покажува значителна несериозност кон ковид пандемијата. Вицепремиерот денеска на пресконференција истакна дека неговите позиции во Владата „во однос на колегите биле различни на многу теми, како и приодот и мерките против пандемијата“. Чесно е Димитров, да каже дека на многу седници на ГККШ или на Владата кога на дневен ред беа токму тие точки, тој не ни присуствуваше, туку на седниците го заменуваше државниот секретар. Кога седниците пак беа „удостоени“ со присуството на вицепремиерот, тој во ниту еден момент не се спротивстави на препораките и на мислењата на стручната лекарска фела која до Владата препорачуваше и советуваше во кои насоки да се движат мерките за заштита од ширење на Ковид 19. Димитров, апсолутно го делеше мислењето со колегите“, стои во соопштението од Министерството.
Оттаму додаваат дека кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот е една од најголемите во модерното време и оти тоа бара одговорно однесување и дејствување во сите сегменти на општеството.
„Од Ковид 19 сите трпиме последици, дури и државите кои имаат најорганизиран систем, затоа е важно како ќе реагира секој поединец и како ќе ја разбере својата улога во општетсвото. Оттука неразбирливи се причините поради кои Димитров истапува во јавноста со вакви ставови“, реагираат од Здравство.
ВМРО-ДПМНЕ: Димитров да не глуми генерал после војна, тој ги заплетка односите со соседите
И опозициската ВМРО ДПМНЕ со став по обвинувањата на вицепремиерот Никола Димитров. Го обвинија оти бил кариерист кој ги заплеткал и ги искомплицирал односите со соседите.
„Сфаќаме дека менувањето од министерската позиција е негов најнесреќен ден и затоа нека не глуми генерал после војна и дека наводно бил жртва на “злобната” Бугарија, туку тој е жртва на својата неспособност и распродавањето и поигрувањето со државните интереси. Задоцнета е грижата на Димитров за националните и државни интереси бидејќи беше првиот кој ги продаваше кога СДСМ беше во налет и цврста власт, и целосно ги игнорираше предупредувањата на ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во дописот на ВМРО ДПМНЕ.
Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, на завршната прес конференција пред крајот на неговиот мандат, тврди дека нема да биде дел од новиот владин состав, поради спротивставените ставови по однос на преговорите со Бугарија. Не ги делел ниту ставовите на здравствените власти при носење на мерките за борба против пандемијата, ниту пак се согласувал со политиката на Владата кон медиумите. Димитров јавно порача дека немал целосна доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи, бидејќи се плашел дека Османи би се обидел на успех во преговорите по секоја цена.
(Б.Б.)