Движењето БЕСА е информирано од Владата за францускиот предлог и во согласност со партиските одлуки потврдува дека ќе го прифатиме секој предлог што го отвора патот за интеграција во ЕУ и што нема да им наштети на интересите на Албанците во земјата, соопштија од Беса.

Со оглед на тоа што францускиот предлог опфаќа отворање на Уставот и внесување на измени, од БЕСА нагласуваат дека тој момент може да се искористи и за уште една корекција на највисокиот акт во државата.

„Исто така, бидејќи францускиот предлог сам по себе подразбира уставни промени, ние, за да покажеме политичка конзистентност од последното отворање на Уставот, ќе побараме терминологијата „јазик што го зборуваат повеќе од 20 отсто од населението“ да се коригира во Уставот и да се замени со терминот „албански јазик“, смета Беса.

Оттаму нагласуваат дека Владата нема капацитет, кредибилитет и легитимитет да управува со државата и побараа организирање на предвремени парламентарни избори.