Женската кошаркарска репрезентација на Шпанија ја одбрани европската шампионска титула по триумфот во белградска „Штарк арена“ над Франција со 86:66 (по четвртини: 32:21, 18:15, 20:20, 16:10).
Најефикасна во победничкиот состав беше Марта Саргај со 23 поени, десет помалку од неа додаде Силвија Домингез. Французинките, пак, беа предводени од Сандрин Груда со 18 коша, Брија Хартли уфрли 17, но изостана поддршката од останатите нивните колешки. Па, Шпанките немаа премногу проблеми да ја задржат убедливата предност што ја стекнаа во првиот период и да ја потврдат фаворитската улога за највисок пласман на првенството што заеднички го организираа Србија и Летонија.
Бронзениот медал го освои селекцијата на Србија која во мечот за третото место ја порази Велика Британија со 81:55 (по четвртини: 25:16, 15:17, 21:6, 20:16).