Јас сум сурова и строга личност, но исто така и фер и ангажирана, му порача еврокомесарката за пероширување на српскиот претседател.
Европската комесарка за проширување, Марта Кос, изјави дека сака да види демократска Србија во Европската Унија, но дека очекува јасна ориентација од неа, а не седење на две столчиња, објави тв Н1.
На средба со новинари на маргините на Форумот за проширување на ЕУ во Брисел, Кос изјави дека за неа е неприфатливо што некои руски граѓани, вклучително и оние на списокот со санкции, добиваат српско државјанство преку посебни процедури, како и дека присуството на српската армија во руската воена вежба „Запад“ е неприфатливо.
Ако учествувате во акцијата на армијата што убива луѓе во Украина, заборавете го процесот на пристапување, поглавјата, таква земја никогаш не може да стане членка на ЕУ, но тоа е ваш избор, рече еврокомесарката.
Кос оцени дека овогодинешниот извештај на Европската комисија за Србија бил суров.
Јас сум сурова и строга личност, но исто така и фер и ангажирана. Ја гледам Србија во Европската Унија, но демократска Србија. Не можете да седите на две столчиња и да гледате кон ЕУ за пари, а кон другата страна за гас, рече Кос.
За тоа дека енергетската криза и американските санкции против НИС се во прашање, Кос рече дека ЕУ е подготвена да ѝ помогне на Србија.
Доколку е потребна помош, ние сме тука. Можеме да помогнеме финансиски, со енергетската структура, рече Кос, додавајќи дека не е лесно за Србија целосно да се одвои од Русија во однос на енергетиката.
Кос рече дека политичарите во Србија треба да престанат со антиевропската реторика и дека најважно е да се изгради довербата кај граѓаните кои, како што додаде, ѝ веруваат на ЕУ помалку отколку порано.
Членството доаѓа со одговорност и посветеност од двете страни. Треба да ги поддржиме независните медиуми и организациите на граѓанското општество, рече Кос.

