Заврши гасификацијата на Општата болница во Куманово, со здравствената установа целосно ќе се загрева со природен гас, напиша министерот за здравство, Венко Филипче на неговиот Фејсбук профил.
„Ова е втора гасификација на јавна здравствена установа за неполни две години. Во септември лани ја завршивме гасификацијата на Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир. Последните четири години интензивно инвестиравме во кадар и во опрема, обидувајќи се, со децении уништуваниот здравствен систем, да го направиме подостапен и пофункционален како за пациентите, така и за здравствените работници, се вели во постот на Филипче.
Тој нагласува дека во тек се зафати за енергетска ефикасност на 28 објекти од здравствениот сектор.
„Во проектот се опфатени Клиниката за физикална медицина во Козле, Здравствените домови во Валандово, во Кратово, во Крива Паланка, во Неготино, во Пробиштип, во Радовиш, во Ресен, во Свети Николе, во Штип, Поликлиника Идадија во Скопје, УК за Психијатрија, како и повеќе здравствени институции – станици во селата Карбинци, Пештани, Белчишта, Бучин, Герман, Ранковце, Зрновци, Блатец и Извор“, истакна првиот човек на Здравство преку социјалната мрежа.