Музичари, перформери, саунд алхемичари… Kако и да ги наречеме „Фолтин“, нивната музика да ја дефинираме како ворлд мјузик, синергија на звук, текстовите-активна метафора на суштински емоции, патување низ различни глобални бит ритми, на крај секако ќе заклучиме дека две и пол децении со нив растеа растеа повеќе генерации. Од „Архимед“ до „Недопрена“, преку „Везилка“ и „Слободната љубов“, „Фолтин“ е еден од оние бендови во чија музика спокојно може да се втурнете, искрено да танцувате, плачете, водите љубов…

Каков пат изминаа од нивниот прв концерт на античкиот локалитет Хераклеја кај родната Битола во 1996 година, до есенва кога на истото место концертно одбележаа 25 години свирачко постоење, низ разговор со Бранислав Николов и Пеце Николовски во култниот битолски клуб „Порта џез“ се навраќаме на историјата на бендот.

Кога и како се судриле енергиите на членовите на групата за да тргнат во возбудливо и неизвесно патување од кое се изродија девет албуми, стотици песни што гласно се пеат на секој нивни концерт, разновидни перформанси, театарска и филмска музика, креации кои се доживуваат како авантура, необременета емоција. Иако поминаа многу години, се обидовме да документираме дел од нивните авантури. Раскажуваат за неизвесноста, за создавањето на песните, за ненадејниот повик од „Јуневерзал франс“ по препорака на Шарлот Гензбург, за медитеренските патувања преку музиката, оптимизмот, концертите…

Почетоци, прво дружба, па музика…

Од архивата на Костадин Шурбановски Шурбе
Од архивата на Костадин Шурбановски Шурбе

Пеце: Пред некое време, Шурбе објави една фотографија, направена точно после концертот каде прв пат настапивме под името „Фолтин“. Тоа беше во галеријата во Битола во 1995 година. Едвај се препознав на фотографијава ахаххаха. Со Бранислав се сретнавме во прва година на Технички факулет. Имавме заедничко друштво и прво беше дружење, а потоа дојде музиката. Имавме големи интереси за уметностите, за театар, филм, многу сакавме да откриваме музика од разни делови од светот… Почнавме со музички перформанси, самостојно или во пакет со други уметници, многу ни беше интересно да сме дел од сценско дело кое возбудува повеќе сетила. Првиот концерт во Хераклеја беше изведба на она што понатаму ќе биде прв албум на групата, а продолжи како патешествието на „Фолтин“.

Бранислав: Си врви времето, и колку повеќе застаруваат настаните, толку повеќе стануваат интересни за раскажување. Но, сеќавањата нè издаваат. Стануваат субјективни и противречни. Затоа, најубаво е што вака заедно се навраќаме, со потсетување и присеќавање. Колективната меморија е поточна и побогата (хаха). А што се однесува до првиот, хераклејскиот настап, тоа беше типичен концерт. Седевме и свиревме песни, една по друга. И луѓето седеа и слушаа музика. Немаше никакви мајмунлаци. И немаше никаква театралност, освен, можеби во музиката што ја свиревме. Но, беше првиот долгосвирачки настап, па оттука и јубилејот.

Студентски денови и обид да се дефинираат нештата

Пеце: Останав на Техничкиот факултет и го завршив, а Бранко го напушти и се запиша на Филолошки факултет на француски јазик, но и потоа продолживме со дружење. Уште се калемевме. Во прво време свирев на усна хармоника, за потоа да влета и кларинетот. Мојот прв кларинет беше од татко ми, а приказната за кларинетот и како јас стигнав до него е многу интересна. Кларинетот беше во заклучена футрола, а клучот од футролата како по некое непишано правило никој не знаеше каде е. Ја проваливме футролата хахаха. Така почнав да свирам и кларинет. Кога Бранко замина на факултет, останавме со Оли (Љубојна) и со Крсте (Роџевски). Тој период многу слушавме најразлични музики, а имавме и неколку свирки по кафичи. Ни беше многу забавно, но тоа е друга приказна, сè уште не свиревме авторска музика.

Првиот албум за СЏФ рекордс

Бранислав: Тие работеа заедно кога заминав војска во ’91 година, а и јас нешто чепкав, таму, сам на гитарата. Кога се вратив пак се споивме. Свиревме некој чуден материјал. Настапивме во „Флуксус“, во Битола. Потоа сериозно се зафативме со работа и се случи првиот албум. Го сними Кокан Димушевски, а го издаде Оливер Белопета. Тешки времиња со хепиенд. Многупати губевме нерви, губевме надеж, но тоа беше само антиклимакс во епопејата со првенчето. Убаво се сеќавам на шокантната возбуда и невера, кога конечно ја видовме најавата за наредното издание (а тоа бевме ние) на СЏФ рекордс, седнати еден до друг, братски, во магичните фестивалски столчиња на Универзална… Во меѓувреме беа удирачките перформанси, а набрзо почнавме и со музика за театар. Тие два сродни афинитета природно се надополнуваа. Работевме на „Македонска крвава свадба“, а бевме музика, звучен дизајн, сценографија, кореографија, статисти…

Преформансите и авторската музика оделе паралелно, следуваат концерти…

Пеце: „Фолтин“ мораше да се случи. Ние и не бевме свесни колкава одговорност преземаме врз себе впуштајќи се во толку непознато, а од друга страна имавме голема интуитивна сигурност. Бевме стопроцентно сигурни дека знајме шо прајме. Колку е проблематична, толку е и убава таа наивност. Бевме храбри и тргнавме по пат, кој не знаевме каде ќе нè однесе. Од денешен аспект, сè беше проблематично, од тоа не можеше да се живее, можеби добри десет години се занимавме со оваа работа само од љубов. Одењето во Словенија во 1997 година ни даде многу голема сигурност и потврда за нашиот став кон она што го креираме. Бевме заедно со група копаничари во Нова Горица како културна соработка помеѓу Македонија и Словенија на министерско ниво. Копаничарите имаа изложба, ние концерт. Концертот беше во средновековен замок, многу интересен амбиент, а помина многу добро и коментарите беа одлични. Најмногу не изненади што никој не рече дека свириме чудна музика хахаха, не дефинираа исто онака како што и ние самите се дефиниравме. Имавме полн погодок. Како резултат на нашето добро претставување во амбиентален простор, од нашето Министерство за култура добивме покана да настапиме на „Охридско лето“, во „Св. Софија“.

Поврзаноста меѓу членовите на групата

Бранислав: За ова што сме сега и какви сме биле попатно, секој детаљ е важен. И еден од нас да фалеше, веројатно, сè ќе отидеше во сосема друг правец, со сосем понаков исход. На пример, јас иако имав музичка страст и љубов, бев многу срамежлив, и не сакав да пеам. Оли ме натера, или Перо… навистина не можам да се сетам кој точно, но секако, некој од нив. Перо го внесуваше разиграниот дух во „Фолтин“. Еднаш, пред настап, се појави со лист од некое дрво во горниот џеб од сакото, наместо шамивче, и на нашето очекувано чудење, викна: „Па солист, нели!?“ А Оли беше некаков музички шеф, концерт-мајстор. Тој беше чист музички фактор. После првиот албум дојде и работата со театарот. „Казабалкан”, „Македонска крвава свадба”, следуваше „Пјаф“, потоа „Маседуан, Одисеја 2001“… Таму исто така се калеше и занаетот и пријателството. А веќе за време на вториот албум знаевме дека работата полека станува сериозна и тогаш почнаа да се менуваат и односите меѓу нас. Природно е за една младост бргу да се менува. Така и за младиот бенд. Но, важни во целата наша приказна беа и другите тогашни членови, Алек Секуловски, Горан Димитровски, Александар Поповски, Благој Петровски, па и Крсте Роџевски, кој не отсвири ниту еден студиски албум, но беше важна фигура во предисторијата на групата, во времето пред да се наречеме „Фолтин“.

Звучно патување низ медитеранот, од Италија, Корзика, Шпанија, Турција, Мароко, до африкански битови

Пеце: Преку музиката го откривавме светот и си создававме наша визија, како една убава страна на глобализацијата. Бевме авантуристи вљубени во медитеранот. Сакавме да тргнеме од Италија, Корзика, Шпанија, Турција, Мароко…, да откриваме африкански битови, ориентални припеви, го откривавме патот и трансформацијата, мешањето на музиката. Етномузиколошки не навлегувавме. Едноставно, го земавме она што ни се допаѓаше. Тоа е како мешање бои, од музиката ја земаш атмосферата, бојата, вкусот, го користиш тој амбиент, го инкорпорираш во звучната слика и ја добиваш визијата, мешаш две бои, и добиваш трета која од секаков аспект се разликува од двете предходни. Тоа беше првиот албум Outre-mer (Преку море), звучна слика на нашето патување по Медитеранот.

Имало креативни несогласувања, но групата никогаш не била во криза

Бранислав: Ние никогаш не брзавме со нов албум. Секогаш хиберниравме по три, четири години и кога ќе бевме подготвени, дури тогаш влегувавме во студио. И тоа секогаш било со чувство на нешто големо за нас. Чувство на слатка возбуда и очекувања, а истовремено, горчливи преиспитувања и одговорност. Новиот материјал секогаш ни бил многу важен. Тоа е суштината и сржта на бенд со авторска музика. Тој мора да чекори напред. Да свириш само стари песни, колку и да ги сака публиката, без да внесеш нови во репертоарот, тоа е како само да издишуваш, без да вдишуваш, и на крај ќе се задушиш. И затоа долго одбираме и одбраното го адаптираме на секого од нас поединечно, сè дури не стане апсолутно фолтинско. Ако тоа не се случи, тоа се отфрла, како што секој организам ги отфрла туѓите тела. Е сега, немојте да мислите дека тоа е лесно. Колку луѓе толку табиети! И секој е еднаков меѓу еднаквите, и секој влече на своја страна. Секое поместување носи револуција и тектонски поместувања, па треба време сè да си дојде на свое место, а на крај, сепак да кажеме дека успешно сме се изместиле, поместиле, сме направиле чекор во непознато, а не сме се сопнале. Имало доста незгодни ситуации во меѓусебните креативни несогласувања, па и судири, револтирачки заминувања од проба, ама никогаш не сме се скарале толку за да биде групата во криза. Никогаш тоа не прејде на лична основа за да го убие бендот… Па сега, Боже мој, и ангелите имаат суета, зарем не!? (хаха).
Но да се вратиме пак назад. Со претставата „Како мене, Пјаф“ во 2001 година постепено почна да се конфигурира членството, кое во рок од две години ќе стигне до класичната постава што до денес остана непроменета. Од „Archimed”, преку „Donkey Hot” до „Lo-lee-ta-too” се случуваше најголемата метаморфоза во „Фолтин“. Тука дојде времето на Пеце Трајковски-Брадата, па Славчо Јовев, Гоце Јованоски и нашиот летечки Словенец, Марјан Станиќ. И тоа е тоа. Врзавме коска.

Ново доживување, жестоко отворање со „Ло-ли-та-ту“

Бранислав: Од ланци се искинавме со „Ло-ли-та-ту“, и тој е еден од ретките албуми каде што совршено се поделија картите. Тука се отворија широко вратите за концертите, дома и надвор. Буквално, просвиривме. Отворено. Вистински. И во таа смисла стануваше сè подобро и подобро. Ете, натаму, како да немам потреба да се присеќам… Како веќе сè да е пред малку кажано.

Пеце: Во почетокот патувавме со феријални карти по возови хахаха. Имаме реализирано и турнеја низ Хрватска со воз. Инаку, за турнеите изнајмувавме возила. Сакавме да патуваме, да шетаме и да свириме. Многу ни беше интересно да ја видиме реакцијата на публика пред која свириш прв пат, а задачата е да ја крениш на ноѕе! Можеби нескромно, но успевавме. И уште успеваме хахаха. И уште го имаме тој предизвик. Оттука и доаѓаше поривот за освојување на нови простори. Стртешки „напаѓавме“ нови и нови градови. Тоа сé беше важно за нас во животна смисла. Го освојувавме светот, не ни беа важни парите. Мислевме или поточно сигурни бевме дека сето тоа нам ќе ни се случи и сакавме најдлабоко да влеземе во сé. И да, на некој начин тоа и ни се случи.

По препорака на Шарлот Гензбур добиваат повик од „Јуневерзал франс“

Бранислав: А да. Еден убав ден ни се јавија од „Јуниверзал франс“, и напишаа писмо, во кое пишуваше дека нè бараат по препорака на личност која многу ја почитуваат. А тоа да ти била Шарлот Гензбур. Јас лично, бев повеќе возбуден за самиот тој факт. За новите можности во кариерата не се потресувам претерано. И ова не беше единствена ваква шанса. Имавме и други со слична завршница. Но, ништо страшно! Убаво е ова што го имаме.

Пеце: Кога стигна до нас писмото, имавме веќе закажана мини турнеја од четири концерти со потпишани договори со сите салтанати. Побараа од нас да ги откажиме сите активности, а ако ги откажeш договорите, си плаќаш пенали. И да, тие ги платија пеналите и почнаа со организација на наша турнеја низ Америка и Јапонија. Имаа комплетно фер однос кон нас, да. Требаше да дојдат неколку нивни продуценти и да направиме избор на песни, ретроспектива на сè што сме отсвириле и да ги снимиме како нов материјал за светски пазар. И во еден миг сè застана. Ги снема, ни трага ни глас. Единствено што дојде до нас како информација беше дека имало преструктуирање во нивната фирма. Така се заврши сето тоа.

Алкохол, дрога, забава

Бранислав: Музиката секогаш носела и алкохол. Алкохолот секогаш барал музика. Помалку или повеќе. Тоа е наше. Другото некако успевало да нè заобиколи. А ако забавата е порок и грев – тогаш криви сме! Признаваме. Простете, но помина одамна времето кога уметниците забавувачи ги бркале надвор од градските ѕидини, како неморални суштества што треба да бидат подалеку откако ќе завршат работа за потребите на граѓанството, да спијат надвор со кучињата скитници. Или можеби се лажам. Многумина во ова време на егзистенцијална криза во културата покажаа слични ставови и убедувања – екстремни и тажни повици за смрт на бесполезните глумци и музичари. Верувале или не. А треба само малку умереност.

Пеце: Може пред концерт едно-две жестоко, адреналинот ќе почне да се меша со алкохолот, енергијата пламнува, самодовербата е поголема. Да малку музиката губи, но исто ако добро отсвириш а нема енергија, не е добар концерт. Треба дозирано да се сулаи работата.

Последниот албум „Симултан бакнеж“, сработен во пандемија

Пеце: „Недопрена“, „Симултан бакнеж“…, немаат врска со пандемијата, единствено, како емоција која те следи како товар додека работиш на музиката, па можеби некој ќе рече се осеќа некаков товар.

Бранислав: На овој тегобен период гледам како на фактот дека секоја генерација има барем по едно големо искушение, кое секако, со некаква жртва мора да го надживее и надрасне. Удобноста го презаслади животот. Така некако. Заборавивме на некои важни работи. Сега почнуваме да се присеќаме. По методот црно на бело. Треба нешто да изгубиш за повеќе да го цениш… „Кој може да расипе еден ваков ден“ е најапликативната предапокалиптична песна од ЕП-то. Но, таа е во суштина „silver lining” во целиот овој современ мрачен век. А тоа што треба да се чуе е молитвата да не се умира секој ден по стопати. Молитва за животот што треба живо да се живее.

Од разговорот во „Порта џез“

Пеце: Секогаш било исто и ќе продолжи, ние си ставаме филтри на рожниците од очите со различни бои кога треба да гледаме кон општите состојби. Групата е надвор од политичката свест на поединците од кои е составена, си има своја интима и не треба да биде заразена од тага, страв или било кое друго чувство предизвикано од надворешно влијание. Облик е на емотивна состојба што е далеку од дневната политика, не сакаме да ја толкуваме сегашноста, или минатото со комплексните сентименти на љубовта, пријателството, возбудата. Не сакаме да влијаеме политички, не сакаме да предизвикаме политичка реакција, можеби затоа и не сакавме толку да кажуваме.

Ана Василевска