Луис Хамилтон се израмни по бројот на пол-позиции со Михаел Шумахер. Британецот попладнево на патеката „Спа Франкошампс“ ја обезбеди 68. во кариерата колку што имаше и германскиот пилот пред стравичната несреќа што ја доживеа за време на скијање во Мерибел, рисорт на француските Алпи.

Возачот на Мерцедес ќе тргне од врвот на колоната во утрешната трка за ГН на Белгија по најбрзо извозениот круг (1:42,553 минути) во денешните квалификации. Себастијан Фетел заостана нешто повеќе од две десетинки.

„Не ми се верува. Ова е како сон. Се молам за Шумахер. Отсекогаш го почитував и чест ми е што делам рекорд со него. Тој е еден од најголемите возачи на сите времиња“, изјави Хамилтон по квалификациите за белгиското гранпри.

Во вториот ред се сместија Финците Валтери Ботас и Кими Раиконен, а зад нив, до десеттото место, ќе стартуваат Макс Ферспатен, Даниел Рикардо, Нико Хулкенберг, Серхио Перез, Естебан Окон и Џолион Палмер.

Трката за ГН на Белгија е утре со почеток во 14 часот.