Лудница во Брајтон. Фудбалерите на истоимениот второлигаш го совладаа Виган со 2:1 и со трите бода и математички обезбедија враќање во Премиерлигата по 34 години.
Со овие три бода Брајтон има вкупно 92 на три кола до крајот на сезоната, седум повеќе од тимот на Њукасл кој под водство на Рафаел Бенитез е пред експресен кам-бек во елитното клупско фудбалско друштво на Островот. На позициите што носи бараж разигрување на Премиерлига засега се Рединг (79 бода), Хадерсфилд (78), Шефилд Венздеј (75) и Фулам (73). Шанса да биде дел од четворката има само Лидс (73).
Виган, пак, кој лани се „прошета“ низ Дивизија 1 е претпоследен со 40 бода и под сериозна опасност е од враќање во трета лига. Загрозен од испаѓање е уште еден поранешен премиерлигаш. Блекбурн е 22 на табелата со 44 бода или трет гледано од долу, позиција што, исто така, води во понизок ранг. Првото безбедно место го држи Нотингем со 45 бода.